
Кремљ соопшти дека рускиот претседател, Владимир Путин, се согласил да ги запре нападите врз украинските градови до 1 февруари.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека американскиот претседател, Доналд Трамп, лично го замолил Путин да се воздржи од напади врз Киев една недела, со цел да се создадат поволни услови за преговори.
– Јас лично го замолив претседателот Путин една недела да не ги напаѓа Киев и другите градови и места. И тој се согласи. Морам да ви кажам, тоа беше многу убаво. Многу луѓе ми рекоа – не губете време на тој повик. Но, јас го направив тоа, рече Трамп на брифинг за медиумите, нагласувајќи дека Украина се соочува со екстремно ниска температура.
Претседателот на САД не разјасни на кој датум треба да стапи на сила наводниот прекин на огнот. По објавата на Трамп, се огласи украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
– Важна изјава од американскиот претседател за можноста за обезбедување безбедносна заштита на Киев и на другите украински градови во текот на овој екстремен зимски период. Снабдувањето со електрична енергија е основа на животот. Ги цениме напорите на нашите партнери кои ни помагаат да ги заштитиме животите. Ви благодариме, претседателе Трамп! Нашите тимови разговараа за ова во Обединетите Арапски Емирати. Очекуваме спроведување на постигнатите договори. Чекорите кон деескалација придонесуваат за вистински напредок кон завршување на војната, напиша тој.











