Советникот за национална безбедност на британскиот премиер Кир Стармер, Џонатан Пауел, изјави дека нема знаци дека рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да склучи мировен договор со Украина.
Пауел изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп е апсолутно во право што ги започна овие преговори и што ја искористи својата моќ за да ги направи успешни, и оцени дека во преговорите меѓу американските пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер, украинската делегација и претставниците на европските земји, е постигнат договор за цела низа прашања, од безбедносни гаранции до просперитет.
„Но, она што не го видовме е никаков доказ од претседателот Путин дека е подготвен за компромис, дека е подготвен да преговара и всушност да склучи мир“, нагласи Пауел на Светскиот економски форум во Давос.
Тој предупреди дека Путин и натаму „не сака да седне на преговарачка маса“.
„Откако го следи претседателот Путин 25 години, мислам дека е многу неодлучен. Многу му е тешко да донесе одлука. Тој е џудист. Ги држи сите опции отворени“, додаде Пауел, според британскиот весник Телеграф.
Како што изјави, потребен е дополнителен притисок врз Кремљ за Путин сериозно да пристапи кон преговорите.
„Затоа мислам дека она што треба да го направиме е да извршиме притисок врз претседателот Путин, финансиски притисок, воен притисок и да му дадеме рок до кој треба да донесе одлука. Мислам дека тоа е единственото нешто што ќе го направи ова успешно“, нагласи тој.
Тој рече дека е јасно дека војната е доведена во ќорсокак, при што Русија не е во можност да ја победи Украина, а Украина не е во можност да ја врати својата територија со сила. Тој, исто така, предупреди за временските рокови за постигнување договор, тврдејќи дека мировните договори „секогаш траат многу подолго отколку што очекувате“.
„Мислам дека треба да бидеме трпеливи. Ова нема да се реши утре. Треба да останеме посветени на ова и, пред сè, треба да најдеме начин сериозно да се ангажираме со Путин“, рече Пауел.
Неговите коментари дојдоа откако претставникот на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, изјави дека разговорите се „при крај“ и дека се разгледува создавање безцаринска зона во Украина за да се олесни реконструкцијата, објави Телеграф.
Виткоф и зетот на американскиот претседател, Џаред Кушнер, денес треба да се сретнат со Путин во Москва.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски е исто така во Давос на консултации со американската делегација. Пауел е еден од најдоверливите луѓе на Стармер и помогна во посредувањето во мирот во Северна Ирска пред речиси три децении.
Тој, исто така, одигра централна улога во преговорите за договорот на британскиот премиер за давање на островите Чагос на Маврициус и давање под закуп за до 30 милијарди фунти.












