Рускиот претседател Владимир Путин оваа недела ќе отпатува на четиридневна посета во Кина каде ќе се сретне со кинескиот претседател Шји Џинпинг, објавија руските медиуми.
Посетата, која ќе биде најдолгото патување на Путин во странство од 2014 година, ќе вклучува и учество на самитот на Шангајската организација за соработка (СЦО), најавен за 31 август, и на комеморации по повод 80-годишнината од капитулацијата на Јапонија во Втората светска војна на 3 септември во Пекинг.
Оваа посета предизвика шпекулации дека е можно таму да се случи нова средба помеѓу Путин и американскиот претседател Доналд Трамп. Иако и Москва и Вашингтон не потврдија таква можност, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во јули изјави дека доколку Трамп се најде таму, „не може да се исклучи иницијатива за состанок“. Се појавија и шпекулации за троен состанок Путин–Трамп – Шји, но Кремљ порача дека нема информации за такво сценарио.