Путин не сака мир туку капитулација на Украина, смета Макрон

35
Фото: EPA

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека не верува дека Владимир Путин е подготвен да ја заврши војната меѓу Русија и Украина.

„Кога ја гледам ситуацијата и фактите, не гледам дека претседателот Путин е навистина спремен да склучи мир сега, но можеби сум премногу песимист“, изјави Макрон за NBC News.

Макрон инсистираше дека САД мора да извршат притисок врз Русија и Путин за да најдат решение, вклучително и воведување дополнителни санкции.

„Ако нема напредок на билатералната средба што ја најави претседателот Доналд Трамп меѓу Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски и ако трилатералната средба не успее, или ако Русите не го почитуваат овој пристап, да, мора да ги зголемиме санкциите. Постои агресор, а тоа е Русија. Постои земја која одлучила да убива луѓе, да краде деца и која одбила прекин на огнот и мир, па затоа не можеме само да создадеме еквивалентна ситуација меѓу Украина и Русија“, рече Макрон.

Тој додаде дека на Украина мора да ѝ се дадат безбедносни гаранции за да се спречат какви било идни руски напади што би можеле да го продолжат конфликтот или да започнат нова војна.

„Ако склучите каков било мировен договор без безбедносни гаранции, Русија никогаш нема да ги почитува своите зборови, никогаш нема да ги исполни своите обврски“, рече тој, додавајќи дека се надева на прекин на огнот.

ИЗДВОЕНИ