Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека војната во Украина треба да резултира со долгорочен мир, пренесува Инфо24. Според руските медиуми, тој за ова зборувал во филмот „Русија. Кремљ. Путин. 25 години“, чиј извадок објави новинарот Павел Зарубин на својот канал „Телеграм“.
Според него, резултатот од војната што и треба на Русија е елиминирање на причините за украинскиот конфликт. Шефот на Кремљ нагласи дека руската војска има доволно сила и ресурси за да го заврши конфликтот со резултатот што и е потребен.
„Овој резултат е елиминирање на причините што доведоа до оваа криза, создавање услови за долгорочен, одржлив мир и обезбедување на безбедноста на руската држава, обезбедување на интересите на нашиот народ на оние територии за кои секогаш зборуваме, каде што живеат луѓе кои рускиот го сметаат за свој мајчин јазик, а Русија за татковина“, додаде Путин.
Војната во Украина започна во февруари 2022 година кога Русија ја нападна украинската територија, а конфликтот продолжува без договорен мир. Руските сили во моментов контролираат речиси една петтина од Украина, а Москва бара Киев да се откаже од делови од својата територија, неутралност и членство во НАТО, додека Украина ги отфрла тие барања и бара безбедносни гаранции од Западот.