Рускиот претседател Владимир Путин се обрати на прес-конференција по официјалната посета на Киргистан, каде што зборуваше за условите за завршување на војната во Украина. Путин откри дека руската и украинската делегација се сретнале денес во Абу Даби на иницијатива на украинската страна, пренесува „Спутник“.
„На иницијатива на украинската страна, овој последен состанок беше закажан и одржан во Абу Даби. Еден од шефовите на руската ФСБ присуствуваше од наша страна“, рече рускиот претседател.
Кој е главниот услов на Путин за завршување на војната во Украина?
Како главен услов за прифаќање на американскиот предлог за договор за завршување на војната, Путин наведува дека е клучно украинската армија да се повлече од териториите што ги контролира целосно или делумно. Русија нема да отстапи од ова барање, како што подвлече рускиот претседател, а потоа новинарите го прашаа за протечениот разговор меѓу руски и американски претставници за потпишување на мировен договор во Украина.
„Што се однесува до овие протекувања, тие би можеле да бидат лажни, или би можеле да бидат навистина прислушувани разговори. Всушност, тоа е кривично дело, барем во нашата земја. Прислушувањето е забрането“, рече Путин.
За потсетување, американскиот претседател Доналд Трамп го уценуваше украинскиот претседател Володимир Зеленски и му даде рок до Денот на благодарноста, четврток, 27 ноември, да прифати нов мировен план на САД за прекин на војната во Украина. Зеленски смета дека планот е контроверзен по неколку точки бидејќи очекува Украина да се откаже од членството во пактот на НАТО, како и да ги повлече трупите од делови од териториите што ги контролира, а во меѓувреме планот е променет.
Девет точки беа отстранети од првичните 28. На Русија не ѝ се допаѓа Член 14 за замрзнатите руски средства и планот за нивно користење, а објавена е нова средба меѓу Трамп и Зеленски, но точниот датум сè уште не е прецизиран.












