
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека го отфрла предлогот на претседателот на Русија, Владимир Путин, да дојде во Москва на преговори за дипломатско решение на конфликтот.
„Не можам да одам во Москва кога мојата земја е под ракети, под напади, секој ден. Не можам да одам во главниот град на овој терорист. Тој може да дојде во Киев“, рече Володимир Зеленски во интервју за американскиот ABC News, на локацијата на американски производствен погон во западна Украина, кој неодамна беше цел на руски ракетен напад.
Путин во среда изјави дека никогаш не бил против средба со Зеленски, според ABC News, додавајќи дека рускиот претседател го поканил својот украински колега да дојде во Москва, доколку е подготвен за тоа.
Зеленски оцени дека понудата на Путин имала за цел одложување на средбата, инсистирајќи дека тој самиот (Зеленски) е подготвен за средбата во кој било формат.
„Ако некој не сака да се сретне за време на војната, секако, може да предложи нешто што не може да биде прифатливо за мене или за другите“, рече Зеленски.
ABC News, исто така, наведува дека американскиот претседател Доналд Трамп го поставил состанокот меѓу лидерите на Русија и Украина како свој приоритет во напорите за посредување во постигнувањето мировен договор.
„Може да се случи трилатерален состанок. Не знам за билатерален“, рече Трамп минатата недела.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави оваа недела дека е „јасно“ дека билатералниот состанок меѓу Путин и Зеленски нема да се одржи.
Министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, потсетува ABC News, напиша оваа недела на социјалната мрежа X дека Австрија, Ватикан, Швајцарија, Турција и трите држави од Персискиот Залив се подготвени да бидат домаќини на мировни разговори на кои би присуствувал Зеленски.