Путин бара Украина и другите поранешни советски републики да не влезат во НАТО и да се одмрзнат руските пари

56

Условите на рускиот претседател Владимир Путин за завршување на војната во Украина вклучуваат барање западните лидери писмено да ветат дека ќе го запрат проширувањето на НАТО кон исток и ќе укинат некои санкции врз Русија, според руски извори запознаени со разговорите, пренесуваат светските медиуми.

-Путин е подготвен да склучи мир, но не по секоја цена, вели  за Ројтерс еден руски извор запознаен со размислувањето на високите функционери на Кремљ, кој се согласил да зборува под услов да остане анонимен.

Дека Путин сака писмено ветување од големите западни сили дека НАТО нема да се шири кон исток, што би значело исклучување на Украина, Грузија, Молдавија и други поранешни советски републики од членство, потврдуваат три руски извори. Тие посочуваат дека освен тоа, Русија сака Украина да биде неутрална, да се укинат некои западни санкции, да се решат замрзнатите руски средства на Запад и да се заштитат руските говорници во Украина.

Еден од изворите вели дека ако Путин сфатил дека не може да постигне мировен договор по свои услови, ќе се обиде да им покаже на Украинците и Европејците преку воени победи дека „утрешниот мир ќе биде уште поболен“. Тој и руските претставници постојано повторуваат дека секој мировен договор мора да ги реши корените на причините за конфликтот, што за Русија е пред сè, пршањето за проширување на НАТО.

Американскиот претседател Доналд Трамп постојано повторува дека сака да го заврши најсмртоносниот конфликт во Европа од Втората светска војна и покажа растечка фрустрација кон Путин во последните денови. По разговорот со него повеќе од два часа минатата недела, Путин рече дека се согласил да соработува со Украина на меморандум што ќе ги утврди принципите на мировниот договор, вклучително и временска рамка за прекин на огнот. Кремљ информира дека во моментов ја изготвува својата верзија на меморандумот и не може да процени колку време ќе биде потребно за тоа.

 

ИЗДВОЕНИ