Општина Пустец ќе биде опфатена со Мастер планот за одржлив развој на туризмот, поддржан од AFD и Министерството за туризам, кој ќе ги утврди идните чекори за развој на одржлив и целогодишен туризам.
Ова е договорено на редовниот состанок на Регионалниот комитет за развој на туризмот, каде што биле дискутирани мерките и подготовките за зимската сезона 2025–2026 година.
-Добра вест за Пустец и целиот регион е започнувањето на процесот за изработка на „Мастер план за одржлив развој на туризмот“. Општина Пустец ќе биде активен соработник и целосно ангажирана во овој процес, со цел искористување на извонредните потенцијали на регионот на одржлив и балансиран начин – информираат од општината.
Додаваат дека посебно била вреднувана работата на промоцијата на регионот, како важен чекор кон развој на туризмот и агротуризмот, еден од најголемите потенцијали што ги нуди овој крај, што во изјава, неодмна го потврди и градоначалникот, Пали Колефски.
– Во изминатите девет месеци од годинава нашата општина ја посетија околу 50 илјади туристи. Освен домашни и посетители од Македонија, од година во година се зголемува бројот на туристи од многу европски земји, кои, како што самите велат восхитени се од убавините на нашата општина. Очекуваме годинава да биде надминат бројот од 80.000 туристи колку што ја посетиле општината минатата година – Колефски.
Тој очекува годинава да биде надминат бројот од 80.000 туристи колку што минатата година ја посетиле општината, која со своите природни убавини, езерската шир и многуте цркви и манастири, станува се попосакувана дестинација за туристите.