Со одржување на спортски натпревари во фудбал и кошарка пуштени се во употреба спортските игралишта за фудбал, ракомет и кошарка во основното училиште „Гоце Делчев“, во Илинден, кои во изминатиот период беа целосно реконструирани.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски истакна дека учениците од ова училиште сега имаат комплетно реконструиран и убаво уреден спортски простор, наменет за квалитетно и безбедно одржување на часовите по физичко и здравствено образование.
-Во рамки на реконструкцијата поставена е заштитна ограда и метални столбови за осветлување. На игралиштето за мал фудбал, ракомет и одбојка поставени се нови голови, вештачка трева, а на игралиштето за кошарка нови табли и обрачи за кош, додека подот е поплочен со гумирана подлога. Исто така, во рамки на спортските терени поставени се клупи, корпи за отпадоци, просторот е партерно уреден, со што, овие спортски игралишта добија комплетно нов лик – информираа од Општина Илинден.
Средствата за реализација на овој проект се целосно обезбедени од буџетот на Општина Илинден, а во наредниот период ќе се продолжи со изградба на нови и реконструкција на постоечките спортски терени и во останатите населени места, со цел да се добие уреден простор, но и безбеден за рекреација и забава на жителите во општината.