Пуштени првите 20 километри од автопатот Кичево – Охрид

Денеска официјално беа пуштени во употреба првите 20 километри од автопатот Кичево – Охрид, на потегот од Врбјани кон Охрид, со прекин кај Ботун. На овој начин граѓаните и туристите кои ќе патуваат во Охрид ќе возат по модерен автопат, а патувањето ќе биде посигурно и побезбедно. Како што најавија од Владата, за многу скоро време ќе биде завршен и вториот дел, а до крајот на идната година и целиот автопат. Вкупната должина на автопатот изнесува 57 километри

2251

Првите 20 километри од автопатот Кичево – Охрид, на потегот од Врбјани кон Охрид, со прекин кај Ботун, денеска официјално беа пуштени во употреба. Премиерот Христијан Мицкоски рече дека само за една година успеавме да го откочиме еден од најголемите и најзаглавени инфраструктурни проекти во Македонија и со работа и посветеност докажавме дека и автопатот Кичево – Охрид може да се реализира. Тој рече дека паралелно со овој проект во државата се реализираа низа други капитални проекти и беа пуштени во употреба многу нови патишта.

– Денес заедно сведочиме на нешто што за многумина изгледаше веќе невозможно. Ова не е само пуштање на употреба на автопатска делница, туку ова е момент на враќање на вербата, доказ дека кога ќе ја преземеме одговорноста со чиста совест и искрена намера, тогаш промените се случуваат. На овој потег на делницата Пресека – Песочани денес се вози по нов автопат. Само за една година  успеавме да го откочивме еден од најголемите и најзаглавени инфраструктурни проекти, кој беше симбол за застој, а денес е симбол на новото време. Седум години нерасчистени имотно-правни односи, нефункционални институции и недомаќинско работење. Секој метар од овој автопат е изграден со напорна работа и со јасна волја да се стави крај на неуспехот од минатото, изјави Мицкоски и додаде дека следната година ќе биде целосно завршен и ќе биде пуштен во употреба.

Освен овој автопат, тој рече дека се работи и на многу други инфраструктурни проекти во државата, а досега се пуштени дел од патот Градско – Прилеп, патот Дреново – Фариш, експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, целосно се реконструира регионалниот пат Охрид – Свети Наум, а интензивно се работи и на делницата Гостивар – Букојчани која е дел од Коридорот 8.

Вицепремиерот и министерот за транспорт, Александар Николоски, рече дека овој автопат јасно ја покажува разликата меѓу сегашната и минатата Влада. Целта, како што рече, е побрзо да се патува и до Тетово и до Гостивар и до Скопје, да се поврзе Македонија со Албанија и, секако, да се отворат големите туристички центри Охрид и Струга за сите што сакаат да ги посетуваат.

– Само сакам да кажам дека ова беше симбол за неспособноста на минатата Влада на СДСМ и ДУИ, ова беше заборавен, напуштен проект на кој немаше работници, инженери, ниту машини и ова е проект кој е симбол и доказ за посветеноста и за работата на оваа Влада и тоа е клучната разлика. Многу е значајно и симболично што првиот дел од патот го отвораме во славна Дебарца – овде има многу историја, многу приказни а сега и модерен автопат, рече Николоски.

Тој се надева дека за многу скоро време ќе биде завршен и вториот дел и до крајот на идната година и целиот автопат. Вкупната должина на автопатот изнесува 57 километри.

Директорот на ЈП за Државни патишта, Коце Трајановски рече дека ова е шеста делница што ја пуштаме. Досега ги пуштивме Градско – Фариш, Фариш – Дреново, Страцин – Крива Паланка, Гевгелија – Валандово и Охрид – Свети Наум.

– Радоста е голема бидејќи по 11 години за прв пат почнува да се користи дел од патот Кичево – Охрид. Многу е важно што патниците отсега ќе се возат поудобно, побрзо и побезбедно. Некој ќе каже дека се китиме со туѓи перја, но ако работевме со темпото со кое вие работевте, ќе го пуштевме за 7 или 11 години, рече Трајановски и им се заблагодари на Владата и на сите институции кои ја помогнаа реализацијата на автопатот.

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, рече дека овој автопат ќе го забрза развојот на економијата и туризмот.

– Долгото и мачно патување досега беше пречка за многумина да го посетат нашиот град. Со овој автопат патувањето до Охрид ќе стане побрзо, побезбедно и поудобно. Со овој автопат Охрид ќе стане подостапна и попривлечна дестинација. Ова е само еден чекор кон подобра и поразвиена иднина за нашиот град и за нашата држава, рече Пецаков.

 

 

ИЗДВОЕНИ