Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, истакна дека втор пат за помалку од два месеца Владата ја пушта во употреба втората делница од автопатот Кичево – Охрид, во должина од 17 километри, од Климештани до Охрид, што е вкупно 34 километри или повеќе од половина од целиот автопат во должина од 57 километри.
– Првата во должина од 20 километри, од кои 17 се во активна употреба, и овие 17 километри, тоа се 34 километри во активна употреба, што веќе претставува повеќе од половина од целиот автопат, а до крај на следната година ќе го завршиме целиот – изјави Николоски. Премиерот Христијан Мицкоски додаде дека автопатот Кичево – Охрид е од стратешко значење за нашата земја и е главна артерија за поврзување на југозападна Македонија со остатокот од државата и со Охрид, град што е не само наш туристички бисер туку и светско културно наследство
Во сообраќај е пуштена делницата Климештани – Охрид, што се уште 17 километри од автопатот Кичево – Охрид, кој е со вкупна должина од 57 километри.
Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, истакна дека втор пат за помалку од два месеца Владата ја пушта во употреба втората делница од автопатот Кичево – Охрид, во должина од 17 километри, од Климештани до Охрид, што е вкупно 34 километри или повеќе од половина од целиот автопат во должина од 57 километри.
– Првата во должина од 20 километри, од кои 17 се во активна употреба, и овие 17 километри, тоа се 34 километри во активна употреба, што веќе претставува повеќе од половина од целиот автопат, а до крај на следната година ќе го завршиме целиот. Претходно, седум години тука не се работеше ништо, беше уништен и постојниот магистрален пат. Граѓаните на Охрид, Струга, Кичево и на другите места не можеле ни да пристапат до меѓународниот аеродром, а денес го имаме меѓународниот аеродром „Свети апостол Павле“ автопатски поврзан. Огромна работа е двата аеродрома во Македонија да бидат автопатски поврзани, а се зголеми и авиосообраќајот на кој многу работиме, се зголеми бројот на туристи – изјави Николоски.
Тој посака што повеќе да се користи автопатот, да носи повеќе туристи во Охрид и во Струга, што повеќе бизнис, кој ќе оди не само во овој дел од државата туку, вели, и, преку Коридорот 8, кон соседна Албанија и ќе ја поврзе земјава со пристаништето во Драч. Тој очекува покрај овој автопат да се развијат стопански субјекти, со што повеќе луѓе ќе си ја најдат среќата тука.
Николоски потенцира дека ова бил заборавен и напуштен проект, проект што претходната Влада целосно го имала запоставено.
– Очекувам за месец и пол до два да се заврши и клучката кај Требеништа и да биде ставена во функција. Веќе ги воведуваме во работа изведувачите во делот на стабилизација на косините – најголемиот проблем на овој автопат и заеднички да сработиме и да го завршиме. Овој автопат треба да се надоврзе на автопатот кој ќе оди од Букојчани до Кичево и за кој веќе има активна постапка за избор на изведувач, и од Букојчани до Гостивар веќе активно се работи. Очекувам до крајот на 2028 година и почетокот на 2029 година да имаме целосно автопатско решение, кое ќе оди од Скопје преку Тетово, Гостивар, Кичево, Струга и Охрид – истакна Николоски.
Премиерот Христијан Мицкоски додаде дека автопатот Кичево – Охрид е од стратешко значење за нашата земја и е главна артерија за поврзување на југозападна Македонија со остатокот од државата и со Охрид, град што е не само наш туристички бисер туку и светско културно наследство.
– Со овој автопат, Охрид и целиот регион добиваат нова енергија за развој, нови шанси за туризмот и нова перспектива за економијата. Со побрзо, полесно и побезбедно патување, овој автопат ќе донесе повеќе туристи, повеќе инвестиции и повеќе можности за локалната економија. Ќе се скрати времето на патување, ќе се олесни транспортот на стоки и на услуги и ќе се отвори простор за нови бизниси и за нови работни места – наведе Мицкоски.
Тој додаде дека за само година и пол се ставени во употреба делниците: Градско – Фариш од 25,7 километри, Страцин – Крива Паланка од 25,5 километри и Врбјани – Ботун од околу 20 километри.
– Тоа се 70 километри нови патишта. Со оваа делница од Кичево – Охрид, бројката утре ќе достигне 87,5 километри, и тоа за нешто помалку од година и пол – нагласи Мицкоски.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, додаде дека биле потребни многу труд, многу енергија, поради тоа што била наследена делница на која практично градежните работи биле замрени.
– Речиси да не можеше да се види градежен работник и градежна машина на оваа делница до пред една година. Со доаѓањето на оваа Влада и со сите институции што помагаат во тоа, успеавме во она што го направивме денес за да може од Климештани до Охрид, во должина од 17 километри, да направиме увид и наскоро да биде пуштена оваа делница, со мал прекин кај Требеништа – рече тој.
Трајановски нагласи дека ова е една од најтешките делници што се направени во земјава, бидејќи, како што посочи, се правела на постојан асфалт и патен премин.
– Вториот огромен проблем е што поминува низ пет населени места: Мешеишта, Требеништа, Горенци, Оровник и Подмоље. Можеби, повеќе од 100 луѓе директно излегуваа од своите домови на овој пат. Сето тоа требаше добро да се испланира и да се изведе. Затоа се направени и пристапните патишта, за кои, пред нашето доаѓање, абер немаше, немаше експропријација, немаше проектирање или делумно беа проектирани. Многу е тешко да направите пат каде што има густо населени места или живи села како овие во Дебрца и Охрид – објасни Трајановски.
Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, посочи дека пуштањето на оваа делница е уште еден чекор напред и мотив да се продолжи со уште поголема решителност и одговорност кон конечната цел, а тоа е воспоставување сообраќај по целокупната должина на автопатската делница. Тој посака секој нов километар асфалт поставен таму да донесе развој, поврзаност и просперитет за целиот Југозападен Регион и сите заедно да бидеме сведоци на уште многу успешни инфраструктурни проекти во иднина.