Пуштена во употреба зградата на Општина Карпош

54

На свечен начин, во вчеравечер беше пуштен во употреба новиот објект во кој ќе биде сместена администрацијата на Општина Карпош.

Објектот зафаќа вкупна површина од 4.500 квадратни метри и, како што информираат од Општината, претставува еден од најсовремените административни објекти во нашата држава, за чија финална изградба беше потребно нешто повеќе од една деценија.

Вратите на новиот дом за карпошани, како што изјави градоначалникот Стевчо Јакимовски, ќе бидат секогаш ширум отворени за граѓаните, кои ќе можат на едно место да ги решаваат своите проблеми и да ги остваруваат личните права и секојдневните потреби.

– Сè започна со еден камен-темелник. Можеби, тогаш изгледаше како празно парче земја, но, за нас, тоа беше визија – сон за една нова општинска зграда, достојна за граѓаните на Карпош. Трпеливо, но сигурно, месец по месец, тула по тула, од темелите израснаа ѕидови. Со мака, со работа и со посветеност, чекор по чекор го изградивме овој објект. Не беше лесно, но секогаш кога имаш јасна цел, секоја пречка се надминува – рече Јакимовски, потенцирајќи дека со овој чин Општина Карпош покажала дека знае да изгради објект по европски стандарди, со визија и со срце.

 

ИЗДВОЕНИ