Пуштена во употреба градинката „Сонце“ во Сопиште

250

На територијата на Општина Сопиште, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, како и на градоначалникот на  Општина Сопиште, Јане Мицевски, официјално е пуштена во употреба новата градинка „Сонце“.

Градоначалникот Мицевски напомена дека новиот објект има капацитет за згрижување 84 дечиња, со што значително ќе им се олесни секојдневието на родителите од овој дел на Скопје.

– Објектот е со вкупна нето-површина од 362 квадратни метри, има три занимални и ќе нуди можност за јасли, за децата од 0 до 2 години. Средствата за изградба на оваа детска градинка се обезбедени од Владата, преку Министерството за социјална политика, демографија и млади, во висина од 21.000.000 денари – истакна Мицевски.

Заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Велковски, дополни дека трет ден во низа се отвора нова градинка и изнесе податоци според кои во моментов во градот Скопје се распишани постапки за реконструкција, изградба и доградба на 16 градинки, од кои четири во Општина Гази Баба, по три во Ѓорче Петров и во Карпош и по две во Бутел, Кисела Вода и во Аеродром.

– Ако се додаде на тоа дека е во завршна фаза градинката во Петровец и тоа дека на 31.12.2025 година беше завршена изградбата на новата градинка во Општина Зелениково, тогаш имаме вкупно 18 градинки – изјави Велковски.

Премиерот Мицкоски нагласи дека би сакал да се отворат што повеќе градинки.

– Ние, како Влада, ќе ги подржуваме сите овие проекти и во иднина, сето она што претставува интерес на граѓаните, а особено на најмилите, на најмладите, на дечињата, ќе биде наш и е наш приоритет. Во таа насока е изградбата на ваков тип објект – рече Мицкоски.

Како што беше наведено, локацијата на градинката е стратешки избрана за да ги опслужи жителите од населените места Долно и Горно Соње, Добри Дол и Ракотинци.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ