Денеска беше пуштена во употреба нова делница од автопатот Кичево–Охрид о должина од 17 километри. Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека ова не е само уште еден пат, туку силен доказ дека Македонија се движи напред, дека се гради и дека се надминуваат долгите години на застој.
„Речиси една деценија овој проект беше симбол на закочени и недовршени работи. Граѓаните гледаа градилишта кои стојат, а не патишта кои се користат. Денес ја менуваме таа слика. Таму каде што имаше застој – има решение, каде што имаше недоверба – има резултати“, рече премиерот.
Автопатот Кичево–Охрид е од стратешко значење за земјата, бидејќи главно ја поврзува југозападната Македонија со остатокот од државата и со Охрид – град со светско културно наследство и туристички бисер. Со новиот автопат се овозможува побрзо, полесно и побезбедно патување, што ќе донесе повеќе туристи, инвестиции и можности за локалната економија.
„Со побрзо патување ќе се олесни транспортот на стоки и услуги и ќе се отвори простор за нови бизниси и нови работни места“, додаде Мицкоски.
Премиерот потенцираше дека оваа Влада за само година и половина ставила во употреба 87,5 километри нови патишта, меѓу кои делниците: Градско–Фариш, Страцин–Крива Паланка и Врбјани–Ботун. „Тоа се дела, а не зборови“, истакна тој.
Мицкоски потенцираше дека економијата бележи реален раст од 3,4% во вториот квартал на 2025 година, што ја рангира меѓу петте земји во Европа по раст на БДП. Владините мерки обезбедиле нови 10.000 работни места, а извозот во првите седум месеци од годината расте побрзо од увозот, што го намалува трговскиот дефицит и повеќе пари остава во рацете на македонските граѓани.
„Многу посветена и чесна работа – тоа го правиме изминативе 15 месеци. Нашата визија е Македонија на дела, а не на изговори“, рече премиерот.
На крајот, Мицкоски порача дека Владата ќе продолжи да гради, да завршува започнати проекти и да создава нови перспективи за секој регион и граѓанин.
„Нека е со среќа и за долги години да ни се користи. Да сте живи и здрави. Бог да ја благослови Македонија“, заврши премиерот.