Пуштен затворен базен во рамките на училиштето „Невена  Георгиева-Дуња“, а проработеа и оние во Велес и Куманово

510

Во пикот на летната сезона, во повеќе градови во државата се пуштаат во функција затворени и отворени базени. Денеска, во Општина Кисела Вода беше пуштен во употреба затворен базен, кој се наоѓа во состав на ООУ „Невена Георгиева-Дуња“. Базенот ќе го користат основците од оваа скопска општина.

– Базенот, чија изградба започна во 2019 година, денес, конечно, е завршен и ставен во функција  благодарение на заедничката акција на Владата, Министерството за спорт и на Општина Кисела Вода. Овој базен ќе служи и во наставниот процес, но и за спортистите, клубовите, младите, децата и за семејствата од цела Кисела Вода – истакна  градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека до крајот на летото ќе бидат пуштени во функција уште четири базени.

– Многу е важно сето она што е почнато – да се заврши, да не ги оставаме работите да бидат споменици на едно време, колку и да ни се допаѓало или не ни се допаѓало тоа во минатото. Трошени се пари од граѓаните и мора да се заврши тоа за да може да биде ставено во функција, за да може да го користат граѓаните – изјави Мицкоски.

Во Велес, пак, е отворен градскиот пливачки базен  „Капри“ откако беше надворешно и внатрешно уреден, заедно со објектите околу него. Беше извршена и замена на пумпите и на вентилите за вода. Сето тоа беше реализирано од новиот закупец, скопската фирма „Луксор оптик“. Со една купена карта, граѓаните имаат можност за дневно капење од 10:00 до 18:00 часот и за ноќно капење од 20:00 до 23:00 часот.

На отворањето на базенот му претходеше голема  забава, на која српската ѕвезда Џенан Лончаревиќ и неговиот бенд ги забавуваа присутните од Велес, Скопје и од другите градови. Исто така, посетителите на градскиот базен, секој викенд во вечерните часови ќе имаат убава забава со познати македонски и странски ѕвезди.

Градскиот пливачки базен „Капри“ годинава е пуштен подоцна, бидејќи сопственикот, Општина Велес, задоцни со објавувањето на повикот за нов закупец. Исто така, претходниот закупец целосно го руинирал базенот, оставајќи го во катастрофално лоша состојба, со оштетени вентили, тоалети, сè искршено околу, во него и под него, па на новиот закупец му биле потребни два месеца да го уреди.

На базенот, секое утро работи пливачка школа за најмладите, а околу базенот работи и редовна екипа и екипа спасители на вода. Базенот ќе работи и во септември, сè додека временските услови го дозволуваат тоа.

Од утре, по неколкудневна пауза поради одржувањето на Европските младински олимписки игри, повторно почнуваат со работа и отворениот и затворениот градски базен во Куманово.

Интересот за користење на отворениот базен постојано расте, особено во текот на викендите и во деновите со високи температури. Лани, во текот на работните денови, посетеноста се движела од 100 до 200 лица, а во текот на викендите од 400 до 500 лица.

Цената на еднодневната влезница за отворениот базен останува непроменета и изнесува 150 денари за лице.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ