Министерот за спорт, Борко Ристовски, заедно со градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, денеска го пушти во употреба комплетно реконструираниот повеќенаменски спортски центар во склоп на ООУ„Тихомир Милошевски“.
Овој спортски центар располага со фудбалско игралиште, игралиште за кошарка со современа полипропиленска подлога, како и со зона за рекреација опремена со спортски реквизити. Просторот ќе биде наменет, пред сè, за учениците од училиштето, но и за локалните спортски клубови и за граѓаните на општината.

Министерот Ристовски рече дека целта е секое дете, секој млад спортист и секој граѓанин да имаат можност да тренираат и да се рекреираат во современи услови.
– Со овие вложувања не градиме само спортски објекти, туку градиме и здрави навики, заедништво и идни шампиони – изјави тој.
Градоначалникот Стојкоски додаде дека спортот е најдобрата инвестиција во здрави генерации и сплотена заедницa.
Реконструкцијата на спортскиот центар во општина Ѓорче Петров е уште еден проект во рамки на програмата на Министерството за спорт за изградба и реконструкција на спортска инфраструктура низ целата држава, со цел спортот да биде достапен секаде и за сите.












