понеделник, јануари 19, 2026
Дома СКОПСКА Пуштен во употреба новиот објект на ООУ „Блаже Конески“ во Аеродром

Пуштен во употреба новиот објект на ООУ „Блаже Конески“ во Аеродром

24

Во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука, Весна Јаневска, како и на градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, е пуштен во употреба новоизградениот објект во рамките на основното училиште „Блаже Конески“.

Градоначалникот Конески изјави дека новиот објект има 16 училници, нова опрема, лифт за децата со посебни потреби, како и посебни тоалети за нив, но и тоалети за останатите, како и нова аула.

– Проектот се реализираше со поддршка на Владата и на Општина Аеродром и чини 200 милиони денари – истакна Митески.

Тој ѝ се заблагодари на фирмата „Жикол“, која ги изведуваше градежните зафати за тоа што проектот е завршен пред истекот на рокот утврден во договорот, односно за 16 месеци.

Министерката за образование и наука, Јаневска, наведе дека претставува големо задоволство второто полугодие во ова училиште да се започне со ваков настан.

– Со ова се создаваат услови за подигнување на квалитетот на образованието – нагласи Јаневска.

Таа додаде дека ќе се продолжи со инвестирање во основните училишта, но и во средните.

– За следната година се предвидени преку 160 проекти во образованието со огромна вредност, со цел да се постигне повисок квалитет на образованието – нагласи Јаневска.

Премиерот додаде дека не може да не се биде задоволен и емотивен кога е во прашање реализација на ваков проект.

– Минатата година ја завршивме со пуштање во употреба на реконструираната Клиника за гинекологија и акушерство во рамки на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Годинава ја отворивме со четири нови градинки во Кочани, Карбинци, Сопиште и Тетово, а многу наскоро ќе биде пуштена во употреба и реновираната гимназија во Тетово, „Кирил Пејчиновиќ“. Не треба да се заборават и спортските сали, булевари, експресни патишта, железница, автопатски делници, што се реализирани изминативе 18-19 месеци – истакна Мицкоски.

Тој им посака на учениците во новиот објект многу весели училишни денови, да стекнат нови знаења, а на вработените успешна работа и што поуспешно да им го пренесат знаењето на учениците.

(А. П.)  

ИЗДВОЕНИ