| „Детелинки“ е новиот објект на градинката „Павлина Велјанова“ во Кочани, која денеска, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, и градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов, беше пуштен во употреба.
Грозданов истакна дека новиот објект претставува директен одговор на потребите на најмладите и на нивните родители. – Со тоа ќе се намали листата на чекање за прием во градинките и ќе им се олесни секојдневието на родителите – изјави Грозданов. Тој информираше дека објектот е со површина од 1.000 квадратни метри и со дворна површина од 2.500 квадратни метри. – Градинката ќе биде со капацитет за над 120 деца на возраст од девет месеци до шест години и ќе бидат отворени 20 работни места – нагласи Грозданов. Велковски додаде дека изградбата на градинката е финансирана од Светска банка, во рамките на проектот за подобрување на социјалните услуги, со вкупна инвестиција од 934.821 евра. – Овој проект е дел од нашата долгорочна стратегија за јакнење на институциите за згрижување и образование на најмладите, како и за поддршка на родителите преку зголемување на достапноста на социјалните услуги. Ова е уште еден доказ за посветеноста на Владата кон развојот на локалните заедници, рамномерниот регионален развој и инвестициите во модерна, достапна и инклузивна детска заштита – рече Велковски. Премиерот изрази задоволство што се пушта во употреба објект што, како што рече, ќе додаде квалитет во животот на граѓаните. |
– Јас се радувам секогаш кога најмладите, најсаканите ги поминуваат своите најубави детски години во ваков тип современи објекти каков што е овој тука – наведе Мицкоски.
Тој нагласи дека Владата стои целосно и зад работата на градоначалникот и апсолутно зад потребите на граѓаните на Општина Кочани.












