На овој начин, бездомниците ќе можат да добиваат храна, да се искапат, да се потстрижат, да земат лекови, да добијат совети од социјален работник, психолог и педагог, од понеделник до петок, во периодот од 8:00 до 16.00 часот.
– Многу сме среќни и нè исполнува фактот што сме отворени секој ден. Сега сервисните услуги се даваат на дневна основа, од стручен тим што работи во Центарот за дневен престој. На овој начин, со подобрување и унапредување на сервисните услуги, правиме секое бездомно лице да се чувствува почитувано, како и сите други. Поточно, на овие екстремно високи температури, бездомниците да не мора да чекаат да дојде среда или петок за да се искапат, туку слободно може да го направат тоа од понеделник до петок – изјави Драгана Лазаревска, координатор на Центарот за дневен престој за бездомници
Пунктот за бездомници во Момин Поток на Црвениот крст на Град Скопје од пред помалку од еден месец стана Центар за дневен престој за бездомници, а услугите што ги добиваа таму само два дена во неделата, среда и петок, сега ќе им бидат достапни во текот на целата недела, со исклучок на сабота и недела.
Станува збор за нова лиценца за овој пункт, која Црвениот крст ја добил преку Министерството за социјална политика, демографија и млади во јануари годинава.
На овој начин, бездомниците ќе можат да добиваат храна, да се искапат, да се потстрижат, да земат лекови, да добијат совети од социјален работник, психолог и педагог, од понеделник до петок, во периодот од 8:00 до 16.00 часот.
– Многу сме среќни и нè исполнува фактот што сме отворени секој ден. Сега сервисните услуги се даваат на дневна основа, од стручен тим што работи во Центарот за дневен престој. На овој начин, со подобрување и унапредување на сервисните услуги, правиме секое бездомно лице да се чувствува почитувано, како и сите други. Поточно, на овие екстремно високи температури, бездомниците да не мора да чекаат да дојде среда или петок за да се искапат, туку слободно може да го направат тоа од понеделник до петок – изјави Драгана Лазаревска, координатор на Центарот за дневен престој за бездомници.
Таа вели дека откако се применуваат новините, се забележува зачестена посета на бездомниците во Центарот, особено за одржување на личната хигиена, а на тој начин, додава, автоматски се подобрува и нивното здравје. Кон тоа придонесува, како што нагласува Лазаревска, и разновидната храна што им се приготвува секој ден, а се состои од млечни и месни производи, овошје, зеленчук, чорба, леб и бели печива.
– Бездомниците се љубители на течна храна, а таква им е обезбедена од седум ресторани во Скопје со кои соработуваме и се поддржувачи на Црвениот крст – објаснува Лазаревска.
Она што е позитивно во ова, според Лазаревска, е тоа што автоматски 30 лица за кои надлежното Министерство дало одобрение да ги користат услугите во Центарот, надвор од оние што се нивни постојани корисници, веќе се тргнати од улица, не пребаруваат по контејнерите и е подобрено нивното здравје.
Бездомниците веднаш до трпезаријата имаат и дневен престој, каде што има телевизор, но и многу книги, па може да читаат, но и да се забавуваат играјќи домино, како и да се дружат и да си разговараат меѓу себе. Во дневниот престој тие буквално можат да останат до 16:00 часот, секој ден.
– Ние, во овие топли денови, постојано апелираме до нив кога е најтопло, да не излегуваат од дневниот престој – нагласи Лазаревска и додава дека сите овие наведени работи го подобруваат и унапредуваат животот на бездомниците.
Секретарот на Црвениот крст на Град Скопје, Сузана Тунева- Пауновска, вели дека од ноември минатата година го реализираат и проектот „Shape“, поддржан од Министерството за труд и социјална политика на Австрија, преку Програмата за развој на австриската Влада и Црвениот крст на Австрија.
– Активностите планирани во рамките на проектот се насочени кон ресоцијализација на бездомниците и на лицата што се наоѓаат на прагот на бездомништво. Самиот проект работи на градење на нивните капацитети за полесно интегрирање во заедницата. Истовремено, во рамките на проектот ќе се спроведат дополнителни активности за подобрување и реконструкција на постојните домови на 10 семејства, а најважно од сè е што се воведуваат секојдневни активности за работа со децата на бездомниците, кои не посетуваат редовна настава во училиште – информираше Тунева-Пауновска.
Целта, според неа, е да се мотивираат децата и да се вклучат во образовниот процес во државата.
Во рамките на овој проект, кој започна во ноември 2024 година, а ќе трае до октомври 2026 година, се организираат и екскурзии за бездомниците, во рамките на кои посетуваат значајни историски и културни знаменитости.
Таква ќе се организира денеска, во чии рамки 24 бездомни лица ќе го посетат Македонското етносело. Првата екскурзија била реализирана во мај годинава. Проектот предвидува да се реализираат вкупно седум екскурзии.
– Исто така, се организираат и работилници за комуникација, за позитивно размислување – информира Лазаревска.
За работа со бездомниците се обучени 20-мина културни медијатори – студенти од психологија, педагогија и социјална работа и политика. Секој од тие медијатори ќе треба да помине по шест месеци директна работа со нив во Центарот.
Во моментов, тројца студенти социјални работници работат со возрасните бездомници, а петмина педагози работат со децата.
(А. П.)