Групацијата „Гунвор“ од Кипар ќе биде купувач на странските подружници на „Лукоил“ кои ги стопанисува „Лукоил интернешенел“ со седиште во Австрија. Информацијата вчера ја објави руската нафтена компанија наведувајќи дека „клучните услови на договорот беа претходно договорени од страните“, но не е прецизирано за кои и какви услови станува збор.

„Гунвор“ е основана во 2000 година од Торбјорн Торнквист и Генадиј Тимченко, кој се смета за еден од најблиските бизнисмени до Владимир Путин.

„Гунвор“ долго време беше најголемиот продавач на руска нафта во странство. Министерството за финансии на САД веруваше дека Путин бил директно вклучен во активностите на Тимченко во енергетскиот сектор, инвестирал во „Гунвор“ и евентуално имал пристап до средствата на компанијата.

По руската анексија на Крим во 2014 година, Тимченко го продаде својот удел во компанијата на Торнквист за да избегне санкции. Износот на трансакцијата не беше откриен.

На 23 октомври, САД објавија санкции против „Лукоил“ и „Роснефт“, најголемите извозници на руска нафта. Ограничувањата беа воведени и за самите компании и за 34 нивни подружници.

Доколку договорните страни на овие субјекти не ги прекинат своите операции во рок од еден месец, тие се соочуваат со секундарни санкции од САД. По објавувањето на санкциите, „Лукоил“ објави дека ќе ги продаде своите подружници во странство.

„Лукоил“ е присутен и во Македонија, каде што има мрежа од 40 бензински станици и нафтен склад во Штип. Освен во Македонија, компанијата е присутна и во Србија и во Бугарија, но засега „Лукоил“ работи нормално во трите држави,, без ограничувања.

Од Македонска руска стопанска комора одговорија за весникот ВЕЧЕР дека доколку престане компанијата со работа, во Македонија ќе останат без работа околу 550 лица.

– Буџетот ќе биде пократок за сериозна сума средства што се плаќаат од страна на „Лукоил Македонија“ по основ на даноци и други давачки (досега се платени повеќе од 850 милиони евра). На потрошувачите, пак, ќе им биде скратена можноста за точење висококвалитетни горива, кои, секако влијаат, и на екологијата во нашата земја. Исто така, ќе се загуби сериозен партнер во областа на енергенсите, партнер што е докажан пријател на сите граѓани и потрошувачи во Македонија. Да не заборавиме дека „Лукоил Македонија“, со својот авангарден пристап и своето кноњ-хоњ, придонесе за промена и развој во својата индустрија и ги поттикна и своите конкуренти на инвестиции и квалитет – рекоа од Македонска руска стопанска комора.

„Гунвор груп“ ДОО е мултинационална компанија за трговија со енергетски производи регистрирана на Кипар, со главна трговска канцеларија во Женева, Швајцарија. „Гунвор“ има и трговски канцеларии во Сингапур, Хјустон, Стемфорд, Лондон, Калгари и Дубаи, со мрежа на претставништва низ целиот свет. Компанијата работи во трговијата, транспортот, складирањето и оптимизацијата на нафта и други енергетски производи, како и во инвестициите во нафтени терминали и пристанишни објекти. Нејзините операции се состојат од обезбедување сурова нафта и нафтени производи на поточното ниво и нивна испорака на пазарот преку цевководи и танкери. „Гунвор“ има посебна компанија, „ Nyera “, основана во 2021 година за инвестирање во обновливи извори на енергија. Ја води директорот за енергетска транзиција, Фредерик Торнквист.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ