Скапите километри на релација Прилеп-Скопје, што ги наплатил пратеникот Петар Ристески од ВМРО ДПМНЕ биле причината за вербалениот инцидент помеѓу него и пратеникот Димитар Апасиев. Драмата меѓу двајцата партеници кои оддамна „се закрвени“ се случувала во еден од собраниските ходници, а морало да реагира и обезбедувањето. Ристески кој во јавноста е познат под прекарот Пеката, му замерил на Апасиев дека од Левица постојано му ги објавуваат патните трошоци. Во моментот кога прaтеникот Ристески почнал да го навредува по сeмејна основа, искрите меѓу народните избраници пламнале, Апасиев замавнал со филџан кафе, па за влакно била избегната тепачка.
Од партијата на Апасиев велат дека пратеникот кој според нивните информации бил рекордер во патни трошоци, околу 14.300 евра, со псовки и навреди ги провоцирал пратениците на Левица месеци наназад, додека собраниските служби ги криеле официјалните податоци – колку граѓаните ги чинат километрите и кириите на Пеката.
Пратеникот Петар Ристески, на Фејсбук ја напиша својата верзија за инцидентот. тврди дека Апасиев провоцирал зарди медиумско внимание.
„Нам ни преостанува или да ги игнорираме неговите лудувања или да одговориме соодветно по принципот на ‘Среќна нова 49-та’. Грешка е да му се одговори и да се падне на тоа негово ниво на однесување, посебно во светло на едно неуротичност и шизофреност која е евидентна, кога се прави принципиелен коректен професор пред јавноста и зад камерите кога испливуваат неговите најмрачни страни. Аман Димче, не плачи. Доста е“, напиша Ристески на Фејсбук.
На инцидентот му претходеше јавното излегување на пратеникот на Левица, Сашко Јанчев кој од собраниската говорница побара службите на Собранието и Генералниот секретар да ги објават информациите кој пратеник колку патни трошоци и кирии наплатил.
-На барањето не е одговорено повеќе од три месеци. Пратеничката Мојсоска поднесе барање и како граѓанин, по закон за пристап до информации од јавен карактер. Го испрати како граѓанин затоа што како пратеник не ѝ одговараат. И по него, ѝ се одговори, но половично. Деградација на пратеничка функција е службите и Генералниот секретар да не ги третираат пратениците како пратеници туку да имаат третман за комуникација со граѓанин кој административно е надвор од Собранието. Таквиот третман не е достоинствен, рече Јанчев и најави дека на секоја наредна седница ќе бараат еден час пауза во работата на Собранието се додека не се одговори на првичното барање. (П.А.)