Во пукање во имиграциски центар во Тексас има загинати, а повеќе лица се повредени, соопшти секретарката за внатрешна безбедност Кристи Ноем, која наведе дека напаѓачот се самоубил.
Нападот се случил во средата утрото во теренска канцеларија на американската Служба за имиграција и царини во Далас, пренесува „Би-би-си“.
„Уште се собираат детали, но можеме да потврдиме дека има повеќе повредени и настрадани“, рече Ноем на мрежата „Икс“.
Таа додаде дека напаѓачот починал од прострелни рани кои си ги нанел самиот и дека мотивот за напасот не е познат.
„Си-ен-ен“ наведува дека меѓу жртвите има и двајца притвореници.
Се верува дека пукањето во Далас било насочено, изјави шефот на теренската канцеларија на ФБИ.
„Во овој момент можам да потврдам дека ФБИ го истражува ова пукање како чин на насочено насилство“, изјави специјалниот агент Џо Ротрок.
„Првичните докази што ги пронајдовме на куршумите во близина на осомничениот стрелец содржат пораки што се против канцеларијата на американската Служба за имиграција и царина.“
ФБИ не даде дополнителни детали за тоа што е напишано на муницијата.
Ниту едно од лицата застрелани во пукањето во објектот на канцеларијата на американската Служба за имиграција и царина во Далас не било службеник за спроведување на законот, рече Ротрок, иако идентитетот на жртвите сè уште не е потврден.
Градоначалникот на Далас, Ерик Џонсон, ги замоли жителите да „бидат трпеливи“ и да „останат смирени“ додека властите истражуваат.
„Сè уште има многу неодговорени прашања и сакам да ги охрабрам сите да покажат воздржаност и да им дозволат да си ја работат својата работа за да може овој град да остане безбеден и да можеме точно да откриеме што се случило денес“, рече тој.
„Си-ен-ен“ објави дека пукањето било насочено кон комбе кое припаѓало на друга федерална агенција, а не на канцеларијата на американската Служба за имиграција и царина, кое ги транспортирало притворените во објект на Имиграциската служба ICE во Далас.












