Пукање во Брисел – застрелан 49-годишен маж

84

Едно лице е убиено во пукотница што се случи утрово во населбата Андерлехт во Брисел, објавува „Политико“, повикувајќи се на локалните медиуми.

Жртвата, 49-годишен маж, бил застрелан во градите во близина на трговскиот центар Вестланд околу 9 часот наутро, потврди обвинителството за „Бруселс тајмс“, како што објави Н1 Загреб.

Според белгискиот дневен весник „Ле Соар“, случајот е упатен до истражен судија како убиство, а полицијата го истражува местото на настанот. Во моментов нема осомничени, а околностите на пукотницата сè уште не се познати.

Ова е уште еден во низата насилни инциденти што го погодија белгискиот главен град. Само од почетокот на годината, во градот се регистрирани повеќе од десетина пукотници, при што загинаа две лица, според Политико.

Минатата година во градот имало 92 пукотници, во кои биле убиени девет лица. Официјалните бројки покажуваат дека до февруари 2025 година, ниту еден сторител не е уапсен во три четвртини од случаите во 2024 година.

Истрагата за денешниот инцидент е во тек. Полицијата не објави никакви дополнителни информации.

ИЗДВОЕНИ