Маж на возраст од околу 25 години почина по пукање во близина на џамија во шведскиот град Оребро, соопшти денес локалната полиција, додавајќи дека уште едно лице е рането во инцидентот.
Полицијата соопшти дека пукањето е поврзано со судири на банди, а досега не се извршени апсења, според Шведското радио и телевизија.
Инцидентот се случил околу 13:45 часот, за време на молитва, пред џамијата, а според изјавите на очевидци, на местото на настанот се слушнале неколку истрели.
По пристигнувањето на местото на настанот, полицијата пронашла две лица со прострелни рани на паркингот пред влезот на џамијата.
Околу 17:30 часот, полицијата потврди дека еден од ранетите починал.
Втората жртва, маж на возраст меѓу 20 и 30 години, е во непозната состојба.
Двете лица наводно ѝ се познати на полицијата.
Обвинителството отвори прелиминарна истрага под сомнение за убиство, обид за убиство и сериозно кривично дело со оружје.
„Сакам да нагласам дека во моментов нема индикации дека џамијата била цел на нападот“, изјави началникот на локалната полиција Роберто Еид Форест на прес-конференција.
Портпаролот на полицијата, Андерс Далман, изјави дека истрагата е во тек, а напорите за идентификување и лоцирање на осомничениот се во полн ек.
„Собираме информации преку интервјуа со сведоци и спроведуваме сеопфатна истрага“, рече Далман.
Претставниците на џамијата во соопштението изјавија дека верската зграда не била цел на нападот, но дека таа останува затворена поради полициските блокади.
Градските власти активираа кризен тим, додека организацијата „Партнерство Оребро“ им обезбедува поддршка на жителите во населбата Вивалу, каде што се случи пукањето.