Македонско-српско-хрватската копродукција „Соучесници“ утревечер (18 февруари) ќе ја има својата премиера во киното „Синеплекс“ во Скопје, а ќе се прикажува и во кината во Македонија. Овој долгометражен игран филм по сценарио на Огњен Обрадовиќ, а во режија на Марко Новаковиќ, чие снимање започна во септември 2024 година, во Ужице, е копродукција помеѓу „Зилион филм“ (Србија), „Партизанс“ (Македонија) и „Интер филм“ (Хрватска).
Филмот „Соучесници“ е психолошка и социјална драма, во која идиличниот живот на главните ликови нагло се менува по трагичен настан. Младата брачна двојка од Ужице, Бранко и Софија, прегазува локален пијаница на пешачки премин. Додека Бранко го минимизира трагичниот инцидент како сообраќајна несреќа, Софија се соочува со внатрешен конфликт помеѓу сопствената совест, од една страна, и притисокот да ја прикрие вистината и да го продолжи својот совршен живот со Бранко, од друга страна. Како што минува времето, Софија сè повеќе му се предава на товарот на својата совест, а тензијата во нејзината врска со Бранко расте. Неможноста да го премолчи злосторството ја води до болни сознанија за врската со Бранко, своето семејство, своите пријатели, но и целото општество, кое е засновано на корупција и прикривање.
Главните улоги ги толкуваат Невена Неранџиќ, Радован Вујовиќ, Аница Добра, Даница Ристовски, Зоран Цвијановиќ, Милица Јаневски, Златан Видовиќ, Анита Огњановиќ и Јован Белобрковиќ, како и петмина исклучителни актери од регионот: нашата Сара Климоска, Стојан Матавуљ и Хана Јапунџиќ од Хрватска, Факета Салихбеговиќ-Авдагиќ од Босна и Херцеговина и Петар Новаковиќ од Црна Гора.
Продуцент на филмот е Лазар Ристовски („Зилион филм“), а копродуценти се Роберт Насков („Партизанс“) и Иван Малоча („Интер филм“). Директор на фотографијата е Бојан Ракиќ, монтажер Петар Шумоња, сценограф Ирена Марјанов, костимограф Снежана Карл, маскер Нина Илиќ, композитор на оригиналната музика за филмот – Владимир Пејковиќ, а дизајнери на звукот се Велибор Хајдуковиќ и Небојша Зориќ. Во постпродукцијата на звукот учествуваше и нашиот Игор Поповски.
Филмот е поддржан од македонската Агенција за филм, Филмскиот центар на Србија и од Хрватскиот аудиовизуелен центар.
Филмот премиерно беше прикажан на 8 ноември 2025 година, во Лос Анџелес, додека премиерата во Белград се одржа на 14 јануари 2026 година. (Д. Т.)












