четврток, февруари 12, 2026
Дома СВЕТ „Првпат слушам“, објави Зеленски за изборите во Украина

„Првпат слушам“, објави Зеленски за изборите во Украина

46
EPA/SARAH MEYSSONNIER

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, коментирајќи ги извештаите на одредени медиуми, изјави дека прв пат слушнал дека датумот на изборите во Украина може да биде 24 февруари и нагласи дека одржувањето на изборите зависи од безбедносната ситуација.

Како што објави Укринформ, претседателот на Украина го изјави ова пред новинарите коментирајќи ја информацијата на „Фајненшл тајмс“ за наводната намера на 24 февруари да се објави датумот на претседателските избори и референдумот за територијален интегритет.

„Во врска со изборите и намерата да се објави датумот на 24-ти – ова е прв пат што го слушам тоа. Веројатно го слушнав од „Фајненшл тајмс“ за прв пат. Сега е втор пат што го слушам од вас. Второ, многу пати зборував за изборите – ќе дојдеме до нив кога ќе има сите потребни безбедносни гаранции“, рече Зеленски, пренесе Танјуг.

Претседателот на Украина додаде дека прашањето за избори повремено го поставуваат некои партнери, но дека Украина никогаш самата не го иницирала ова прашање.

„Без сомнение, ние сме подготвени за избори. Јас го кажав тоа: само обезбедете прекин на огнот – ќе има избори. Тоа е безбедносно прашање“, додаде тој.

Зеленски, исто така, изјави дека САД го покренале прашањето за изборите, но не сакаше да даде детали.

Фајненшл тајмс, повикувајќи се на неименувани извори, објави дека Украина се подготвува за претседателски избори и референдум за мировен договор со Русија, откако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп побара организирање на гласањето до 15 мај, заканувајќи се во спротивно дека ќе го условува Киев со негирање на безбедносните гаранции.

ИЗДВОЕНИ