Француската полиција употреби водени топови и солзавец во Нант за време на првомајските демонстрации, соопшти регионалната влада.
„Демонстрантите ја оштетија зградата на префектурата и фрлаа предмети и петарди кон полицајците. Полицијата одговори со водени топови и солзавец“, соопшти префектурата на мрежата „Х“.
Телевизијата BFMTV објави дека неколку лица се уапсени.
Судири меѓу полицијата и демонстрантите се случија и во Лион за време на првомајските демонстрации, соопштија регионалните власти.
„Неколку десетици агресивни маскирани лица се обидоа да оштетат две продавници во близина на метро-станицата Сакс-Гамбет во Лион и фрлаа предмети кон силите на редот, а полицијата брзо интервенираше за да ги растера и да и дозволи на официјалната поворка безбедно да помине“, се вели во соопштението, пренесе Срна.
Во меѓувреме, локалниот весник „Прогрес“ објави дека полицијата употребила солзавец за да ја растера толпата.
Како што се наведува, тројца полицајци се повредени, а три лица се уапсени. Вкупно 6.500 луѓе учествуваа на првомајските демонстрации во Лион, пишува весникот.
Радио станицата Europe One претходно објави дека околу 150.000 луѓе се очекува да учествуваат на првомајските демонстрации низ Франција.
Во Франција традиционално се одржуваат демонстрации на први мај по повод Меѓународниот ден на трудот.