Прво „комитите“, а сега и „чкембарите“ добија „зелено џамче“ од Миленко

99

Нетрпеливоста помеѓу најголемите ривали кога е македонскиот фудбал во прашање, тимовите на Вардар и на Пелистер, доби нова димензија по последниот дерби- натпревар одигран во Битола. „Црвено-црните“ забележаа нова победа, минимална со 2:1, но конечниот резултат и сомнителниот пенал во 80. минута се во втор план поради настанатите тензии помеѓу раководните лица на двата клуба.

Фудбалскиот клуб Пелистер, преку официјално соопштение, потврди дека ги прекинува сите институционални односи со ФК Вардар, и тоа поради недоличното однесување на гостинските навивачи, кои кршеле столчиња на трибината, но и, како што вели, поради некоректните изјави и објави на највисокото раководство на Вардар, на социјалните мрежи.

– ФК Пелистер ја известува јавноста дека дел од столчињата и трибинскиот простор на јужната трибина, каде што се наоѓаа навивачите на Вардар на натпреварот Пелистер – Вардар на 5 ноември, се оштетени и сквернавени. Исто така, сакаме да ги апострофираме некоректните изјави на одредени медиуми и објави на социјалните мрежи на високи претставници на ФК Вардар, кои иницираат омраза и инциденти. Ако го додадеме на ова присуството на големото обезбедување на извршниот директор на Вардар, минатата година, наоружано, во свечената ложа на стадионот „Петар Милошевски“, одлучивме да ги прекинеме институционалните односи со ФК Вардар – пишува во дел од соопштението.

Сосема очекувано, неколку часа подоцна, како и секогаш, на социјалните мрежи се огласи извршниот директор на Вардар, Миленко Неделковски. Како и пред неколку месеци, кога ги „почести“ „комитите“, сега со „зелено џамче“ ги „почести“ „чкембарите“.

– Секоја публика, секој навивач, секоја навивачка група има апсолутно право да е субјективна и да го гледа настапот на својот тим низ розови очила. Има право да навива, навредува, да се нервира, да тагува, да се радува… Но, секоја управа или стручен штаб на кој било клуб, доколку сака успех, мора да ги гледа работите реално. За тоа има снимки, статистика, бројки… Бројките кажуваат дека Вардар вчера беше доминантен. Еве неколку битни статистики што ги гледаме и следиме на секој пренос од Премиер лига, Серија А, Ла Лига… Посед на топката 62:38 % за Вардар. Шутови во рамките на голот – 5:2 за Вардар. Точни додавања 492:312. Добиени дуели на средината на теренот – 51:31 за Вардар. Управа, раководство или стручен штаб што губи дома во серија од директните противници за испаѓање, очекува ли да се спаси на натпревар против лидерот на табелата?! Крајно непрофесионално и опасно за исходот на крајот од првенството. Непрофесионалноста, лошото раководење, очајниот преоден рок и поразителните резултати тешко дека може да се правдаат преку создавање тензија и измислување ситуации. Успешната управа на клубот беше сменета без некоја причина. Сега, оваа управа нема резултати! Вардар не е виновен за тоа. Навивачите слободно може да ја пеат песната „Дирлада“. Но, кога ја пушта и диригира официјалното озвучување, тогаш тоа е навреда и говор на омраза од страна на сегашната управа на клубот. Не пречи рефренот „…да го е… цело Скопје…“, но делот „…и вашата држава…“ е говор на омраза, за кој треба да се позанимава ОЈО Битола. Оти таа држава е на сите. И наша, и ваша, и на оние од Струмица, Тетово, Штип, дијаспората… На таа држава се градоначалникот на Битола, МВР, МПЦ, националната историја… За сè друго, одговор е сликата. Од „скопско“ е – напиша Неделковски на својот фејсбук-профил.

ИЗДВОЕНИ