До крајот на годинава ќе бидат изречени првите казни за компаниите што не го почитувале Законот за нефер трговски практики, најави заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, посочувајќи дека е предвидено наредната година да има поголемо и повеќекратно зголемување на казнените одредби.

– Минатата година направивме неколку битни работи за заштита на животниот стандард и на цените, особено на прехранбените земјоделски производи, пред сè, донесувањето на Законот за нефер трговски практики. Комисијата за заштита од конкуренција реагира за сите пријавени недоречености во однос на спроведувањето на Законот, особено маркетите. Кон крајот на годинава ќе бидат изречени и првите казни, кои сметаме дека се многу мали. За наредната година имаме предвидено многу поголемо и повеќекратно зголемување на казнените одредби – истакна Ристески.

Тој посочи дека во текот на оваа година Пазарниот инспекторат изрекол казни во висина од два милиона евра кон трговци на големо и на мало.

– Пазарната инспекција, во текот на годинава, направи околу 18 илјади контроли и надзори и кај трговците воочи голем број неправилности, за кои се изречени платни налози во висина од околу 120 милиони денари или вкупно два милиона евра. Ние и понатаму ќе ја следиме ситуацијата со цените во сите маркети во трговијата на мало и на големо – рече Ристески.

Тој најави дека во Владата се работи на создавање единствен софтвер, кој бесплатно ќе им биде понуден на сите трговци во Македонија. Тие ќе мораат транспарентно да ги прикажуваат цените.

– Маркетите треба транспарентно да ги прикажуваат цените, а граѓаните, преку вештачка интелигенција, ќе може и самите да формираат сопствена потрошувачка кошничка. Ќе може да го направат тоа преку апликација што ќе биде достапна за сите, и тоа не само со вклучување на апликацијата туку и со гласовни можности за формирање таква кошничка, особено за повозрасните луѓе, пензионерите – објасни Ристески.

Заменик-министерот за економија рече дека будно се следи ситуацијата и дека тоа го покажале и статистичките податоци, дека сега имаме постабилна ситуација во однос на инфлацијата, која е околу 4 проценти, со тенденција за благо намалување, особено на основните прехранбени производи за живот.

– Доколку имаме ваков пад, тогаш ќе оставиме пазарната економија, односно понудата и побарувачката, по природен пат да ги нормализира цените. Инаку, во Владата очекуваме стабилизација на инфлацијата на годишно ниво од 3 проценти – посочи Ристески.

Доколку сегашните мерки и контролите не го дадат посакуваниот ефект, поточно и натаму има некоректно и пазарно однесување кон граѓаните и подривање на животниот стандард на граѓаните, не се исклучува да се применат и други мерки.

ИЗДВОЕНИ