Се работи првите 40 километри од автопатот Кичево-Охрид да бидат пуштени до 10 јули, а до крајот на месецов и експресната делница Дреново-Фариш, најави премиерот Христијан Мицкоски. Тој рече дека реализацијата на четирите автопати во изградба Кичево-Охрид, Гостивар-Букојчани, Гостивар-Тетово и Прилеп Битола во должина од 150 километри, во првите четири месеци од годинава споредено со минатата година е четирипати поголема, истакнувајќи дека очекува да биде осумпати поголема во вториот и во третиот квартал.
– Во делот на автопатот Кичево-Охрид очекувам на почетокот на јули, ќе доциме две недели од она што го кажавме пред една годинаа, можеби можевме да го завршиме порано 10-ина дена. Таму секој ден на терен се и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) и министерот за да ја стигнеме динамиката некаде до 10 јули да биде пуштена делницата од Врбјани до Охрид со исклучок на делот кај Ботун, четири-пет километри каде има свлечиште кое треба да се санира. Значи, ќе бидат ставени во функција 40-ина километри. Исто така, тука имаме доценења во делот на проектирањето на свлечиштата што треба да се санираат, но мислам дека успеавме да ги мотивираме компаниите да го фатат рокот и патот целосно да го пуштиме до крајот на 2026, почетокот на 2027 година, изјави Мицкоски.
На автопатот Прилеп-Битола најави дека до крајот на месецов ќе бидат завршени имотно-правните работи на над 80 проценти од трасата, таму се заокружени истрагите поврзани со пронаѓање на експлозивни направи. Според него, отворен е поголем фронт за работа и на автопатот Гостивар-Букојчани, каде веќе се готови носачите од Гостивар кон Стража, а во најголем дел е пробиена трасата. Работите одат во една солидна динамика, а надмината е пречката со ноѓалиштата од античко време, така што, додаде, очекувам и тука да имаме исклучително голема рализација. Во фаза на претквалификација е патот Букојчани-Кичево и тука, дополни, го задвиживме процесот, отворен е поголем фронт за работа на Тетово-Гостивар, некои 10-ина, 15 километри, и имотно-правно и трасирањето.
Како што најави Мицкоски, се очекува до крајот на месецов да биде пуштена делницата Дреново-Фариш на експресниот пат Градско-Прилеп откако е решена состојбата со карпата и се расчистува патот. Премиерот најавува и дека во општините ќе има нови 1200 градилишта со инфраструктурните пректи од двата повика на Владата.