Новото одморалиште на плажа во Северна Кореја, критикувано од групите за човекови права за злоупотреба на работниците во текот на изградбата, ја пречека својата прва група руски туристи, објави рускиот сервис на Би-би-си.
Новинари на „Би-би си Верифај“ пронашле три агенции во Русија што нудат патување за Северна Кореја. Се претставиле како заинтересирани за аранжманот и добиле одговор дека за првото патување на 7 јули аплицирале 12 лица од Русија. Еднонеделниот престој во Северна Кореја, вклучувајќи три дена во одморалиштето Вонсан-Калма, чини 1.800 долари, што е 60 проценти повеќе од просечната месечна плата во Русија. Според туристичката агенција, за август се планирани уште две патувања.
– Руските туристи лесно можат да патуваат во земји како Турција, Египет, Тајланд и Виетнам, кои се далеку подобри од сè што нуди Северна Кореја. Нивото на услуга таму е повисоко и не сте под постојан надзор – рече Андреј Ланков, експерт за руско-севернокорејските односи на Универзитетот „Кунминг“ во Сеул.
За разлика од Русија, новинарите на „Би-би-си Верифај“ не пронашле понуди за такво патување во Кина.
Одморалиштето Вонсан Калма во јуни беше отворено од севернокорејскиот лидер, Ким Џонг Ун, кој го нарече „туристички и културен центар од светска класа“, а „Би-би-си Верифај“, по прегледувањето на сателитските снимки, изјави дека е изградено по моделот на шпанското одморалиште Бенидорм. Она што загрижува е брзината со која е изградено, што упатува на лоши услови за работа. Обединетите нации го свртеа вниманието кон системот на принудна работа што се користи во Северна Кореја, особено шок бригадите, каде што работниците честопати се соочуваат со сурови услови, долги работни часови и со несоодветни плати.
– Постојат извештаи дека е изградено одморалиштето со помош на таканаречените шок тимови. Исто така, видовме извештаи за луѓе што работеле деноноќно за да ја завршат изградбата, што мислам дека, исто така, изгледа како шок тимови – рече Џејмс Хинан од канцеларијата на Високиот комесар на ОН за човекови права во Сеул.
Канг Ѓури, кој работел во Вонсан пред да пребегне во Јужна Кореја во 2023 година, рекол дека неговиот братучед се пријавил доброволно да работи на градилиштето затоа што верувал дека тоа е патот за добивање дозвола за престој во главниот град, Пјонгјанг, која се издава само на граѓани на кои им верува режимот.
– Тој едвај спиел. Не му давале доволно храна. Условите не се правилно организирани, некои луѓе едноставно умираат на работа, а властите не се одговорни ако тие умрат и паднат – рекол тој, додавајќи дека жителите на Вонсан биле иселени од своите домови поради проширувањето на проектот за одморалиште, честопати без надоместок.
Според раните документи за проектот во кои имал увид „Би-би-си Верифај“, првичната цел била да се привлечат повеќе од еден милион посетители, а се очекува туристите да доаѓаат, главно, од Кина и од Русија.