ПРВИОТ ЧОВЕК НА УСТАВНИОТ СУД СО ОСТРО ОБВИНУВАЊЕ: Извршната и законодавната вршат мобинг врз судската власт!

Замислете, тие велат дека имаме 2 отсто доверба во судството, но за да се дојде до толкав процент на доверба, каде беа тие две власти? На одмор ли? Не знам дали може да се апстрахираат тие две власти и да речат дека немаат ништо со тоа, потенцира денеска претседателот Дарко Костадиновски. Тој порача: „Медениот месец заврши, решени сме да воведеме уставна дисциплина, наредната година може да очекувате многу поинакви одлуки на Уставниот суд“

540

Сериозно предупредување дека Владата и Собранието вршат мобинг врз судската власт изнесе денеска првиот човек на Уставниот суд, Дарко Костадиновски. Истовремено, тој најави и значително поинакви одлуки на уставните судии во текот на претстојната година за да се воведе уставна дисциплина. На денешната годишна прес-конференција на која заборуваше за работата на Судот во текот на оваа година, тој рече дека е очигледно дека државните органи се нервозни.

– Ако забележувате, во изминатиов период државните органи беа нервозни. Имаше интерпелација за мене, имаше изјави од типот „кој е тој Уставен суд да ни дава рокови и задачи?“. За исполнување на нашата одлука за Законот за електронски комуникации, доцнеа два месеци, сега доцнат десет месеци со измените во Кривичниот законик… Може слободно да пренесете: медениот месец за кој било државен орган завршува. Ние имаме механизми и видови одлуки со кои сме цврсто решени да воведеме уставна дисциплина. Во наредната година може да очекувате многу поинакви одлуки од Уставниот суд – најави Костадиновски.

Тој особено кажа дека не смее да се дозволи надмоќ или доминација на една власт над другата.

– Извршната и законодавната власт вршат мобинг над судската власт. Тоа е мобинг. Замислете состојба, велат дека имаме 2 отсто доверба во судството, но за да се дојде до толкав процент на доверба, каде беа тие две власти? На одмор ли? Не знам дали може да се апстрахираат тие две власти и да речат дека немаат ништо со тоа. Тоа е невозможно, зашто ова е систем и во него трите власти ја делат власта. Постои она што се нарекува „чек едн баланс“ – наведе првиот човек на Уставниот суд.

Реферирајќи за годишниот учинок на Судот, тој рече дека оваа година, досега, се оформени 306 предмети, што е рекорден број од постоењето на Судот. Од нив, 271 се иницијативи и барања поднесени од граѓани, 7 од политички партии, 8 од државни организации и претпријатија, 3 од општини, 2 се поднесени од верски заедници, 11 од државни органи, а 2 предмети се по сопствена иницијатива на Судот. Биле решени 230 предмети, број што е приближно ист како минатата година и се издигнува над просекот во последните 5 години. Најстариот предмет што овој суд го реши датираше од 2017 година – Законот за електронски комуникации.

– Законот за употреба на јазиците ќе биде решен следната година. Новата судијка известител побара уште еден месец за да го заврши предлогот и очекувам да го добиеме во јануари. Ќе се залагам прво да има подготвителна седница. Правиме само усогласување на одредбите со Уставот и на крајот тој закон ќе биде многу подобар отколку што е сега – рече Костадиновски.

На новинарско прашање зошто Судот имал сопствена иницијатива само во два предмети и зошто толку се чекало на нивната иницијатива за линеарно покачување на пензиите, Костадиновски одговори дека има и други нивни сопствени иницијативи.

– Имаме и други предмети по наша иницијатива, кои допрва ќе дојдат на одлучување. Имаше можност да се поведе наша иницијатива кога се најави исплата на линеарното покачување двапати по 2.500 денари, но тогаш немаше иницијатива од судиите. Јас имам издвоено мислење за тој предмет – објасни првиот меѓу уставните судии.

Тој се заложи за менување на Уставот со цел да се овозможи донесување на законот за Уставниот суд и на институтот уставна жалба бидејќи сме единствена земја што нема таков закон.

–  Остануваме бескомпромисни во постапувањето, со независност и со интегритет, притоа свесни дека независноста не е цел сама по себе, туку неопходен услов за обезбедување на супрематијата на Уставот, ефикасна заштита на основните права на граѓаните. Упатувам апел за што побрз избор на нов уставен судија, а до политичарите да покажат повисоко ниво на уставноправна култура и да се воздржат од лесно посегнување по етикети и поделби – порача Костадиновски. (Б. Ѓ.)

Бадентеровиот принцип ќе значи клуч на Уставниот суд

На новинарско прашање за негов став околу заложбата на ДУИ за воведување на Бадентеровото правило во работата на Уставниот суд, Костадиновски рече дека тоа ќе значи крај на Судот.

– Бадентеровиот принцип е добар механизам во работата на политичките органи како што е Собранието и е корисен за општествата какво што е нашето. Но, ако се случи тоа во работата на Уставниот суд, во истиот момент може да ставите клуч и да ја заклучите оваа институција оти ќе нема потреба од нејзино постоење. Ако во ваков орган каков што е Уставниот суд, кој е контролор и на Собранието, дојдете во ситуација да се решава преку етнички, а не правни аргументи, тогаш нема потреба од постоењето на ваква институција. Тоа е мој личен став и истото се однесува и на воведувањето на Бедентеровиот принцип во Судскиот совет – нагласи Дарко Костадиновски.

ИЗДВОЕНИ