Заврши инженерското испитување на статиката на надвозникот „Влајко“. Од Општината Карпош информираат дела првичните наоди не укажале на сериозни проблеми.
Ова испитување, според општинските власти, е иницирано од Општината, како дел од стандардна процедура поради староста на објектот, кој е изграден во 2005 година.
Испитувањата ги реализираше фирмата „ТСГ Индустри сервис“ – ДОО Скопје. Во наредниот период, таа ќе изготви извештај со детална анализа за тоа дали има некакви недостатоци, но и ќе даде предлози за идните активности што треба да ги преземе Општина Карпош, но и за заштита и одржување на конструкцијата.
Меѓу другите обврски, ангажираната компанија ќе изработи и план за евентуална санација на челичниот мост. Само за анализата, Општината ќе плати 400.000 денари со ДДВ.
Преминот „Влајко“, лоциран пред семафорите во Влае, е еден од најоспоруваните проекти од граѓаните, кои сметаат дека е грд, нефункционален, валкан и дека не е постојано достапен за преминување на граѓаните преку булеварот „Партизански одреди“, затоа што е затворен прекуноќ и за викендите.
Објектот е изграден во 2005 година, со цел преку него безбедно да поминуваат, пред сѐ, учениците од основното училиште „Димо Хаџи Димов“, а на самиот премин се сместени и канцеларии на повеќе институции како што се Црвениот крст, на Министерството за земјоделство, невладина организација, има и канцеларија што Општината му ја отстапила на Собранието за средби на граѓаните со пратениците. Покрај нив, дел од канцелариите користат и вработените во локалната самоуправа додека не се преселат во новата зграда.
Од Општина Карпош велат дека надвозникот е отворен секој работен ден од понеделник до петок, од 6:45 часот до 21:00 часот, а најголема полза имаат децата што имаат потреба да го преминат булеварот „Партизански одреди“ за да одат на училиште.
(А. П.)