Отворањето нова, директна авионска линија со Кралството на Саудиска Арабија претставува значаен исчекор во јакнењето на меѓународната поврзаност на државата и проширувањето на економската и на туристичката соработка. Со проширување на мрежата на билатерални договори за воздушен сообраќај, Македонија ја зацврстува својата позиција на регионална авиодестинација и создава услови за нови инвестиции, зголемена трговска размена и поголема мобилност на граѓаните и на бизнис-заедницата

 

Министерството за транспорт и врски ја започна постапката за склучување на Спогодба за воздушен сообраќај со Кралството на Саудиска Арабија. Вкупниот број земји со билатерални Спогодби за воздушен сообраќај со Македонија надминува 25 држави, што ја рефлектира активноста на државата во интегрирањето во меѓународниот воздухопловен систем и отворањето нови можности за воздушни врски.

– Со ова, се отвора можноста за воспоставување правна рамка што ќе овозможи отворање редовни авиолинии меѓу двете држави, што досега не е остварено. Спогодбата треба да создаде либерални и фер услови за работа на авиопревозниците, да поттикне конкуренција и да придонесе да се намалат цените и да се подобрат услуги за патниците, додека истовремено гарантира највисоко ниво на безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај според меѓународните стандарди  – истакна министерот за транспорт и врски, Александар Николоски.

Тој дополнително нагласи дека со воспоставувањето на директни авиолинии со Саудиска Арабија, се очекува зголемување на економската соработка, туризмот и трговската размена, што ќе ги зајакне билатералните односи меѓу двете држави.

Mинистeрот Николоски и македонската Влада изминатиот период веќе иницираа разговори со авиопревозници и партнери за подобрување на воздушните врски. На пример, Николоски истакна дека земјата веќе има договор со авиокомпанијата „Флај Дубаи“ за директни летови меѓу Скопје и Дубаи, а дека се преговара и со други авиокомпании како „Ер Арабиа“ за нови летови од и до земјата, вклучително и кон аеродромите во регионот на Охрид, со цел дополнително да се стимулира туризмот и поврзаноста со регионот.

Според официјалната листа на билатерални Спогодби за воздушен сообраќај објавена од Агенција за цивилно воздухопловство, Македонија има склучено билатерални Спогодби за воздушен сообраќај со повеќе земји, меѓу кои и со Албанија, Австрија, Белгија, Бугарија, Хрватска, Италија, Израел, Шпанија, Швајцарија, Турција, Украина, Холандија, Шведска, Данска, Норвешка, Унгарија, Германија, Русија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Катар, САД, Обединети Арапски Емирати и други, како и Спогодба со Европската унија која овозможува пристап до Единствениот европски воздухопловен пазар (ECAA).

Овие спогодби служат како правна основа за авиокомпаниите да воспостават редовни летови и услуги меѓу Македонија и партнерските држави, поттикнувајќи со тоа економски, туристички и културни поврзувања.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ