Првенците на Македонскиот народен театар, актерите Тони Михајловски и Тања Кочовска, во ист ден на два различни фестивали, беа наградени за своите улоги во претставата „Народен пратеник“, по текст на комедиографот Бранислав Нушиќ и во режија на Егон Савин. Михајловски ја доби наградата за најдобар актер на вечерта, доделена веднаш по изведбата на претставата на јубилејното 30. издание на фестивалот „Актерски свечености – Миливоје Живановиќ“ во Пожаревац, Србија. Настапот на ансамблот на МНТ беше проследен со силни аплаузи и одличен прием од фестивалската публика и од стручната јавност.
„Актерски свечености – Миливоје Живановиќ“ е реномиран театарски фестивал што се одржува од 1995 година, во Центарот за култура во Пожаревац, во чест на еден од најголемите српски актери – Миливоје Живановиќ.
„Фестивалот, традиционално, се одржува во првата недела од април и ѝ нуди на публиката селекција на најдобрите претстави од годишната продукција на престижните театри во Србија и во регионот. Програмата се состои од пет натпреварувачки вечери, а победниците влегуваат во конкуренција за главната награда – статуетката „Миливоје Живановиќ“. Меѓу досегашните лауреати се значајни актерски имиња како: Љубомир Тадиќ, Драган Миќановиќ, Војислав Воја Брајовиќ, Предраг Ејдус, Ружица Сокиќ, Милан Лане Гутовиќ, Предраг Мики Манојловиќ, Небојша Глоговац и Јелисавета Сека Саблиќ“, велат од МНТ.
Истовремено, во Велес, во рамките на петтото јубилејно издание на фестивалот „5-РЕ“, актерката Тања Кочовска ја доби наградата за најдобра споредна женска улога за својата впечатлива интерпретација на ликот Спиројца.
Со едногласна одлука, жирито во состав Зорица Панчиќ, Владимир Тулиев и Елеонора Теова ги истакна нејзините остра духовитост, доминантно сценско присуство и автентична интерпретација, нагласувајќи дека „секој нејзин гест и реплика се претвораат во победа“, а нејзината изведба ја издвои како еден од највпечатливите сценски моменти на фестивалот.
Инаку, претставата „Народен пратеник“ во продукција на Македонскиот народен театар, бележи значајна меѓународна сценска присутност, како дел од балканската турнеја.
Досега претставата е изведена во Народното позориште во Белград, Црногорското народно позориште во Подгорица, како и на повеќе сцени во Босна и Херцеговина, а беше дел и од програмата на реномираниот фестивал „Стериино позорје“ во Нови Сад.












