Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, најави дека првата тура еколошки, електрични автобуси во градот ќе пристигне во јуни или во јули. Во телевизиско интервју, тој повтори дека Владата ќе обезбеди 100 автобуси за граѓаните годинава, но, сепак, за динамиката ќе треба да се координира со нив. Истакна дека наскоро, по втор пат, ќе биде распишан тендер за нивна набавка. За БРТ-проектот наведе дека постапките на терен ќе започнат во 2027 година, потенцирајќи дека средишното зеленило, кое првично требаше да биде уништено, ќе остане.
– Ќе се остават две ленти за возилата, едната за БРТ и меѓу нив ќе има граничници со ново зеленило. Погрешно ќе биде ако се отстрани средишното зеленило. Секако дека претходно јавноста ќе биде запознаена со деталите – заклучи Ѓорѓиевски
Градскиот превоз и натаму останува проблем број еден за скопјани. Граѓаните реагираат за нередовните автобуски линии, секојдневно гневни што голготата со чекањето автобус со часови и натаму продолжува.
Од друга страна, скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, смирува и најавува дека првата тура еколошки, електрични автобуси со која би се подобрила состојбата во градот ќе пристигне во јуни или во јули. Во медиумско гостување, тој повтори дека Владата ќе обезбеди 100 автобуси за граѓаните годинава, но дека, сепак, за динамиката ќе треба да се координира со нив.
Истакна дека наскоро, по втор пат, ќе биде распишан тендер за нивна набавка.
Градот требаше да добие нови автобуси во март, но поради пропаднатиот тендер, постапката сега треба да се повтори.
– Јас не се плашам да се извинам ако згрешам со процените. Сега, наместо 80, ќе бидат набавени 100. Најголем дел од нив ќе стигнат оваа година – рече Ѓорѓиевски.
Тој потсети дека има владина одлука за набавка на нови автобуси, како и дека во процесот е вклучен и премиерот Христијан Мицкоски, поради што, како што кажа, е убеден дека ќе пристигнат тие.
Меѓу другото, додаде дека од моментот кога стапил на градоначалничката позиција, покрај 157. Автобуси што возеле дневно, во функција се ставени уште 30. Притоа, тој спомена дека станува збор за автобуси што се во сопственост на ЈСП „Скопје“, но многу од нив не сообраќале поради ситни поправки.
За БРТ-проектот наведе дека ќе започнат постапките на терен во 2027 година, но потенцираше и дека средишното зеленило, кое првично требаше да биде уништено, ќе остане.
– Ќе се остават две ленти за возилата, едната за БРТ, а меѓу нив ќе има граничници со ново зеленило. Ќе биде погрешно ако се отстрани средишното зеленило. Секако дека претходно јавноста ќе биде запознаена со деталите – заклучи Ѓорѓиевски.
Воедно, во периодот што следува, тој најави дека ќе биде неопходно да се спроведе промена на возниот ред на ЈСП.
– Повеќе децении не е променат возниот ред во Скопје. Притоа, во моментите кога е правен, во минатото, не биле предвидени некои нови населби, кои во меѓувреме се прошириле или, пак, никнале на територија на градот Скопје. Некаде каде што имало зголемена потреба од автобуси, веќе е намалена потребата од автобуси, што значи дека тоа ќе биде еден процес што ќе го водиме во наредниот период, но не сакам тоа да биде процес што ќе го направиме прекуноќ, брзоплето и повторно да имаме пропусти во системот. Затоа кога велам дека ќе го правиме тоа прецизно, подразбира да ги вклучиме максимално и граѓаните со нивните забелешки – изјави Ѓорѓиевски.
ЈСП: Надополни ја картичката онлајн, брзо и лесно
Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ воведува новина за сите патници. Поточно, отсега тие ќе можат онлајн да ги надополнуваат картичките со билети и/или износ (средства) директно преку официјална веб-страница на претпријатието skopjebus.mk, без чекање, без редици и без одење до продажно место.
– Сè што е потребно се телефон или компјутер и неколку минути. Надополнувањето се прави од далечина, брзо и кога вам ви одговара, од удобноста на вашиот дом – нагласуваат од ЈСП.
Оттаму додаваат дека со новата функционалност се добива: онлајн надополнување со билети и/или средства, брза постапка во неколку едноставни чекори, нема редици и нема потреба од физичко присуство, достапно од телефон или компјутер, како и удобно решение за планирање на патувањето однапред.
Картичката се надополнува на тој начин што се влегува во skopjebus.mk, потоа се избира „Надополни картичка“, се внесуваат потребните податоци за картичката, се избира дали сакате билети или износ (средства) и на крајот се потврдува, со што се завршува постапката.
(А. П.)












