Македонската женска кошаркарска репрезентација со победа го почна квалификацискиот циклус за пласман на Евробаскетот во 2027 година. По победата над Данска со 79:78 пред неколку дена, нашата селекција денеска (18:00 часот, СРЦ „Кале“) ќе го одигра вториот меч од групата Ф, а за противник ја има селекцијата на Грција.
- Грција е фаворит број еден во групата и игра на еврошампионатите по ред. Сакам да добиеме поддршка од публиката, а овие девојки, сигурно, ќе бидат мотивирани и ќе дадат сè од себе и на тој дуел – истакна селекторот Александар Ашаданов.
Оптимизам пред дуелот со фаворитот Грција има и една од најдобрите наши репрезентативки, Ивана Кметовска.
- Првата цел ја остваривме, но не застануваме тука. Пред нас има уште пет натпревари на кои сакаме да постигнеме уште некоја победа. Имаме кратко време за некои подетални анализи. Сепак, се запознавме со нивната игра што ја прикажаа на средбата со Хрватска, која ја загубија пред своја публика. Значи, ќе бидат уште помотивирани. Не менуваме ништо во пристапот, знаеме колку можеме. Ќе се обидеме да одиграме уште поцврсто, особено во одбраната, затоа што против нас ќе има доста искусни кошаркарки како Спаноу и Фасула, кои, заедно со Кристинаки, се носители на играта на противничката селекција – вели една од најискусните во нашата селекција.
Влезот за сите љубители на кошарката е слободен.











