Во барометарот на корупција на невладината „Транспаренси интернешенал“ за минатиот месец, во кој се делат настаните на бистри и на матни, во делот со матни настани се: случајот со претседателка на ДКСК, Татјана Димитровска, поврзан со предметот „Адитив“; измамите со земањето брзи кредити; лажните извештаи за издавање инвалидска пензија и туѓа нега за лице, како и митото за кое е осомничен директорот на Геријатрија, дека го зел.
– Од максимум бодови за ДКСК до осомничена за „Адитив“, претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска, преку апликации за пораки, одавала службени тајни на обвинет во предметот „Адитив“ – се посочува во соопштението од „Транспаренси интернешнл“ – Македонија, во делот за матни настани.
Делото за кое се сомничи, го почнала само три месеци по нејзиниот избор. Во време на висока недоверба во судството, ДКСК важеше за своевидна светла точка во борбата против корупцијата. Новиот состав на оваа Комисија наследи такво реноме изградено од претходниот состав. Сега, се подвлекува во соопштението, како да се состојбите пред нов почеток откако Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, во рамките на постапката што се води за предметот „Адитив“, донесе наредба за спроведување истражна постапка против три лица, од кои едно е претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска, како третоосомничена. Трагите стигнале до неа како резултат на екстрахирани електронски докази обезбедени во досегашната постапка.
Друг случај меѓу матните настани, пишува „Транспаренси“, се осомничените доктори што земале мито, па изготвувале документација за наводни прегледи, контроли и извештаи за издавање инвалидска пензија и туѓа нега за лице.
Поранешна докторка на Клиниката за уво, нос и грло во Скопје е во центарот на шемата. Како што соопштија институциите, таа формирала две криминални групи, кои добивале мито, а за возврат лажирале медицинска документација и ги воделе постапките за обезбедување на социјалните права. Во шемата биле лекари од Уво, нос и грло, Неврологија, ЈЗУ Општа болница Велес, Психијатрија, вешто лице, членови на Комисијата за оцена на работната способност, адвокат, но и други службеници. Постапките за остварување на правото на туѓа нега оделе преку Велес. Барателите давале мито кај матични доктори од овој град. Без воопшто да се појават на лекар, биле креирани и издавани документи за фиктивни упати, прегледи, отпусни листи, медицински извештаи, контроли, психолошки тестови, конзилијарно мислење, потврди за медицински помагала и друга медицинска документација.
Како матен се издвојува и случајот со директорот на Геријатрија, кој се осомничи дека зел поткуп од 20.000 евра за да смести неподвижно лице.
– Заедно со посредник, директорот на болницата за геријатрија, Мухсин Арифи, барал и примил поткуп за сместување болно и неподвижно лице во геријатриска установа. МВР и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција соопштија дека поткупот бил во износ од 20.000 евра.
Меѓи „бистрите“ настани, според невладината, се: случаите со кривичната пријава за тешки дела против општата сигурност за 10-мина полициски службеници; предистрагата за дупката од 7,3 милиони евра во Агенцијата за одземен имот што ја откри Државниот завод за ревизија, како и случајот со пензионираните службеници од МВР обвинети за прикривање судски пресуди и нанесување штета од над 3,3 милиони денари.
– Обвинителството отвори предистрага за дупката од 7,3 милиони евра во Агенцијата за одземен имот што ја откри Државниот завод за ревизија. Недостигаат 7 милиони евра во државниот буџет, кои не биле уплатени од страна на Агенцијата за одземен имот, а се од продаден имот стекнат на криминален начин. Овој имот е запленет со правосилни судски пресуди, зашто е стекнат со криминал и со него управува Агенцијата, која не смее да ги злоупотребува парите од неговото отуѓување – се наведува во соопштението од „Транспаренси интернешнл“ – Македонија.
Друг „бистар“ случај е проширувањето на истрагата за Кочани со кривичната пријава против десетмина полициски службеници од Кочани и од Штип, поради непостапување според мерките и прописите за заштита и неизвршување целосна проверка пред издавањето на лиценцата за работа на кабарето „Пулс“ во Кочани, каде што пред еден месец, во трагичен пожар, 62 лица го загубија животот. Како што информираа од Министерството за внатрешни работи, осомничените во Министерството за економија тврделе дека објектот поседува елаборати за заштита од пожар и дека нема пречки за јавниот ред и мир и за сообраќајот.
„Транспаренси интернешнл“ – Македонија во барометарот за април го наведува и уапсениот инспектор од личното обезбедување на Мицкоски, кој сакал да продаде тајни документи за 50.000 евра со цел да бидат објавени на социјалните мрежи.