Здружението „Алергија и јас“ денес објави дека во Србија е потврден првиот случај на алфа-гал синдром, алергија на црвено месо што се јавува по убод од крлеж.
Бранимир Дакиќ, алерголог и клинички имунолог од Клиничкиот центар на Војводина, кој бил вклучен во првиот дијагностициран случај, истакнал дека пациентот доживеал одложени реакции по консумирањето црвено месо, вклучувајќи уртикарија, оток и гастроинтестинални нарушувања.
Здружението „Алергија и јас“ ги повикува граѓаните да бидат информирани, а здравствената професија да го вклучи алфа-гал синдромот во дијагностичкиот репертоар кога ќе се појават необјаснети алергиски реакции.
Што е алфа-гал синдром?
Алфа-гал синдромот е специфична алергиска реакција на молекулата алфа-гал, која се наоѓа во црвеното месо од цицачи. Кај луѓе кои претходно биле каснати од крлеж, оваа молекула може да предизвика сериозни симптоми, почнувајќи од неколку часа по јадење, па сè до потенцијално опасни по живот алергиски реакции.