Mинистерот за култура и туризам, Зоран Љутков, заедно со градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митевски, потпиша договор за финансирање на реконструкцијата на мултифункционалниот центар во Ново Лисиче, во вредност од 99 милиони денари. – Овој центар, прв во Општина Аеродром, ќе се гради во наредните две и пол години и ќе биде особено значаен за независната сцена – посочи министерот Љутков. Според Митевски, објектот е со површина од околу 1.400 квадратни метри, од кои околу 800 квадрати се за киносалата и околу 400 за изложбениот простор  

 

Руинираниот објект во Ново Лисиче, во близина на спортскиот центар „Марко Божиновски“, кој беше напуштен долги години, до 2027 година треба да биде реконструиран и претворен во мултифункционален центар со киносала и со изложбен простор. Вчера, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, заедно со градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митевски, потпиша договор за финансирање на реконструкцијата на мултифункционалниот центар, во вредност од 99 милиони денари (за првата фаза).

– Овој мултифункционален центар ќе се гради во наредните две и пол години и претставува ново поглавје за Општина Аеродром, каде што не постои културен центар што може да биде значаен, особено за независната сцена, која ќе добие повеќе простор. Како Министерство за култура и туризам, потпишавме повеќе од 20 вакви договори што се однесуваат за сите општини во Македонија. Со ова овозможуваме и рамномерен културен развој на сите настани во државата – посочи министерот Љутков.

Тој додаде дека ова е особено значаен процес со оглед дека Скопје во 2028 година ќе биде Европска престолнина на културата.

Ваквите мултифунционали центри во Скопје, кои се во изградба или почнуваат да се градат, според Љутков, треба да бидат завршени до крајот на 2027 година, кога ќе може да ги примат и странските уметници и да им обезбедат соодветен простор за настап.

Инаку, Општина Аеродром аплицираше со овој проект на повикот на Владата и, како што истакна Љутков, добро е што градоначалниците имаат избор да одлучат во апликациите каде ќе ги насочат своите средства. Оттука, од големо значење е што тие се одлучуваат за градење мултифункционални центри, што е, вели Љутков, и иднината на културата во Македонија.

Градоначалникот на Аеродром, Митевски, пак, додаде дека ова е прв мултифункционален центар во Општината.

– Општина Аеродром е една од најголемите во државата и досега, за жал, немаше ваков простор, кој ќе биде наменет исклучиво за развој и промоција на културата. Со овој договор, средствата ќе бидат наменети за првата фаза од реконструкцијата, а центарот ќе содржи киносала со 245 столчиња, простор за изложби, мултимедијален дел комплетно опремен со сценска технологија, озвучување и осветлување. Благодарение на поддршката што ја добиваме од Владата и од Министерството за култура, во наредните две години ќе се работи интензивно – додаде Митевски.

Инаку, вкупната внатрешна површина на овој мултифункционален центар, според Митевски, е 1.400 квадратни метри, од кои околу 800 квадрати се за киносалата и околу 400 за изложбениот простор. Другиот дел е за канцеларии, машински соби, сали за проекции… Како што посочува градоначалникот Митевски, Општината ќе менаџира со овој центар преку своето јавно претпријатие, кој ќе му биде доделен веднаш по неговото завршување, со одлука на Советот. (Д. Т.)

ИЗДВОЕНИ