Град Скопје го објави првиот јавен повик за финансирање на културно-уметнички проекти во рамки на програмата „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“.
– Со отворањето на овој конкурс, Скопје влегува во нова фаза во која идеите треба да прераснат во реални, одржливи и европски релевантни културни проекти. Проекти кои нема да живеат само една година, туку ќе остават трајна вредност во градот, во заедниците и во целокупниот културен екосистем – соопштија од Град Скопје.
Оттаму додаваат дека за таа цел, се бараат проекти со силен концепт и со јасна европска димензија, општествена и културна вредност, професионална реализација и подготвеност за работа во комплексен и динамичен процес
Првата фаза на селекција на аплицираните проекти ќе ја спроведе независното тело „Скопје 2028“, врз основа на формалните и квалитативните критериуми утврдени во јавниот повик.
Втората фаза на селекција ќе ја спроведе главното жири, составено од двајца домашни експерти, уметничкиот раководител, како и два меѓународни експерти од Европската Унија, согласно со добиените стручни насоки, добиени по консултација со администрацијата во Брисел.
– Европска престолнина на културата не е сцена за импровизација. Тоа е заедничка обврска кон Европа, дека знаеме да создаваме, да управуваме и да реализираме врвни културни програми – нагласуваат градските власти.
Предвиден е вкупен буџет од 300.000 евра, при што еден грант има максимален износ до 50.000 евра.
Проектите избрани преку овој конкурс ќе станат составен дел од официјалната програма „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, спроведувана низ целата територија на градот и во десетте општини, како во институциските, така и во јавните простори – се наведува во конкурсот кој е меѓународен.
Во јавниот повик, исто така е нагласено дека проектите може да се одвиваат помеѓу 2026 и 2028 година, со периоди на резиденција или активности кои се движат од 7 до 60 работни денови, во зависност од обемот.
Рокот за пријавување е до 29 март, 2026 година.
Во септември 2023 година, Скопје ја доби титулата град на културата во Европа за 2028, европска иницијатива за културна соработка.
Според конкурсот, „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ се води според мотото „Култура над поделба“, кое ја отсликува историската улога на градот како место на средби, издржливост и солидарност.












