На местото на поранешниот запуштен простор, Општина Кисела Вода доби нов, современо уреден простор на површина од околу 1.250 квадратни метри, лоциран во рамките на државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“.
Станува збор за нов парк со прв инклузивен сообраќаен полигон во Општината, простор наменет за игра, учење и за развој на сите деца, вклучително и на децата со попреченост.
Од Општина Кисела Вода велат дека паркот е дел од нивната поширока стратегија за подобрување на животната средина и за создавање нови зелени површини.
– Во изминатите четири години, беа оформени и уредени над 80.000 квадратни метри ново зеленило, со што значително се унапреди квалитетот на живеење. Полигонoт, пак, е приспособен на потребите на сите деца и е опремен со пристапни патеки, визуелни елементи и со тактилни површини – потенцираат од локалната самоуправа.
Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, истакна дека со овој парк се испраќа силна порака дека Кисела Вода останува посветена на создавањето зелени, чисти и функционални површини што ќе им служат на сите генерации.
– Од депониите правиме паркови. Од запуштените простори – безбедни и уредени катчиња за децата. И тоа е визијата со која продолжуваме да ја менуваме Општината на подобро – изјави Ѓорѓиевски.
Инаку, во Кисела Вода, по извршената реконструкција, се наоѓа првото целосно инклузивно основно училиште во државата – „Кузман Јосифовски-Питу“, како и првата инклузивна јавна детска градинка во Скопје.
– Со ваквите проекти, локалната самоуправа покажува дека грижата за најранливите категории не е само декларативна туку и реална и видлива на терен – заклучуваат од Општина Кисела Вода.