Во Валандово ќе се одржи првиот „Фестивал на калинката“ по повод 6 Ноември, Денот на ослободувањето на овој град. Организатор е здружението „Валандер“ од Валандово.
Настанот, кој ќе се реализира на плоштадот во центарот на Валандово на 8 ноември 2025 година, со почеток во 12 часот, е посветен на калинката како плод со цел нејзина промоција како стратегиски земјоделски производ, како и на вредната рурална заедница која стои зад нивното производство.
Фестивалот е со интенција да ги обедини локалните производители, земјоделците, жените од руралните средини, здруженијата.
Во рамките на манифестацијата ќе има: изложба на свежи калинки и производи од калинка, настапи на фолклорни групи, локални музичари, на деца, потоа дегустација на калинката и производи од калинката, а ќе се обратат претседателот на Здружението и други поканети гости.
– „Фестивалот на калинката“ е повеќе од аграрен настан – тој е симбол на заедништво. Преку ваквите манифестации Валандово го зацврстува своето место како центар на иновации и на традиција во земјоделското производство. Ги покануваме сите граѓани и љубители на природата и на традицијата да бидат дел од овој прв „Фестивал на калинката“ во Валандово, препознаен како Градот на Калинките – изјави Лејла Рајкова, претседател на здружението „Валандер“ од Валандово.
Настанот се организира со поддршка на Општина Валандово и на средното училиште „Гоце Делчев“ во Валандово.






