петок, јануари 23, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Прскалките светат, совеста гасне, пиротехниката и натаму хит на ноќните журки!

Прскалките светат, совеста гасне, пиротехниката и натаму хит на ноќните журки!

ПОУКИТЕ ОД ТРАГЕДИИТЕ БРЗО СЕ ЗАБОРАВААТ – ИСТА ИСКРА, ИСТА ОПАСНОСТ

257

Трагедиите во Кочани и во Кран-Монтана во кои згаснаа млади животи во пожар предизвикан од пиротехника, не ги „згаснаа“ прскалките во угостителските објекти. Напротив, новогодишната ноќ уште еднаш покажа колку брзо се заборава туѓата несреќа кога започнува веселбата.

Во текот на новогодишната ноќ, многу македонски локали објавуваа на социјалните профили слики од еуфоријата, која беше збогатена со истите или со слични прскалки како оние од ноќниот бар во швајцарското монденско место. Со високо кренати раце, млади скопјани мавтаат со прскалки и се радуваат на годината чиј праг го пречекориле неколку минути по полноќ. Веселбата е посилна од совеста и кај гостите и кај сопствениците, имајќи предвид дека пред само неколку месеци згаснаа 61 млад живот од нелегална употреба на пиротехника во затворен простор, уште повеќе што на прсти се бројат објектите што имаат две врати, обучен персонал и противпожарна опрема. Во затворен простор, каде што се шират чадот и огнот за секунди, ваквата „декорација“ може да стане смртна пресуда.

 Законот е јасен, опасноста уште појасна

Според Законот за експлозивни материи, пиротехнички производи се средства што се употребуваат за огномети, противградни ракети и други ракети што се користат за научни, стопански и за други цели, како и предмети што содржат прскави состојки со дејство на експлозив или други состојки што служат за постигнување ефекти на оган, светлина, пукање или чад. Под употреба на експлозивни материи, пак, се подразбира секоја примена на експлозивни материи за уривање или за обликување објекти и материјали, постигнување ефекти на оган, светлина, пукање или чад, со енергија ослободена со хемиски реакции при експлозивно разложување.

За првиот човек на скопската Противпожарна бригада, командирот Звонко Томевски, дилеми нема: пиротехниката е непредвидлива и опасна и на отворено, а уште повеќе во затворен простор.

– Опасно е, многу е опасно! Не само поради самиот распрскувачки материјал туку и поради непочитувањето на основните мерки за заштита од пожари и евакуација. Секој објект мора да има план, обучен персонал и јасни насоки каде и како се евакуираат луѓето. Во затворен простор, пожарот се шири неверојатно брзо – вели Томевски за весникот ВЕЧЕР.

Тој потсетува дека во текот на новогодишната ноќ пожарникарите интервенирале и на пожар во штала во Скопско, предизвикан од огномет. Во меморијата му се врежани и други случаи, меѓу нив и пожар во Македонскиот народен театар, предизвикан од сценска пиротехника.

– Во Швајцарија имало два излези за евакуација, но паниката го сторила своето. За жал, кај нас често недостига и тоа. И не само во угостителството туку и во јавните институции – предупредува командирот.

 Инспекции на хартија, одговорност по трагедија

Токму непостапувањето и затворањето очи во случајот со кочанската дискотека „Пулс“ доведе до тоа повеќемина инспектори да седнат на обвинителната клупа. Актуелната власт, по трагедијата, вети дека контролите ќе бидат приоритет, а превенцијата – правило, а не исклучок.

Според законските овластувања, главниот инспектор на Дирекцијата за заштита и спасување има право на увид во секој објект, во секое време и без најава, како и право да ја провери целокупната документација поврзана со заштитата и спасувањето. На интернет- страницата на ДЗС, нема објавено колку од тоа е направено изминатата година.

Почетниот извештај за разорниот пожар во барот во Кран-Монтана, во кој загинаа 40 лица, а повеќе од 100 беа повредени, укажува дека причина за трагедијата била употреба на огномет во затворен простор. Според наодите на истражителите, во урнатините на барот е пронајдена голема количина пиротехнички средства. Во извештајот се наведува дека биле откриени 25 огнени фонтани, а при дополнително пребарување биле пронајдени уште околу 100 неактивирани фонтани, како и нелегални петарди.

Забрана постои, почитување – не

Веднаш по трагедијата во кочанската дискотека, Собранието ги изгласа измените во Законот за прекршоци против јавниот ред, со кој се забрани употребата на пиротехника во затворен простор, а полицијата доби поголеми надлежности при постапувањето.

– Со измените не е дозволена употреба на пиротехнички средства во објекти и простории од затворен тип, а двојно се зголемени и прекршочните глоби за физичките и за правните лица што постапуваат спротивно на забраната. Доколку се повтори прекршокот, се предвидува притвор – пишува во образложението на потребите од Законот.

Сепак, сликите од новогодишните прослави во дел од локалите зборуваат дека не се почитува Законот.

Од МВР за ВЕЧЕР велат дека во текот на минатата година регистрирале шест прекршоци што се однесуваат на неовластено приредување огномет, факелијада или слична приредба или непреземање мерки за безбедност.

– По преземени мерки, поднесени се пет барања за поведување прекршочна постапка против петмина сторители, додека за еден од прекршоците доставено е известување до Центарот за социјална работа, бидејќи како сторители се јавуваат две деца под 14-годишна возраст. МВР постапува согласно со Законот за прекршоци против јавниот ред и мир – прекршоци против јавниот ред и мир член 31-а „Не е дозволена употреба на пиротехнички средства утврдени со закон во објекти и простории од затворен тип“ – објаснуваат од полицијата.

Со измените на Законот се зголемија и казните, па така за физичко лице изнесува од 200 до 250 евра, а за правно од 500 до 10.000 евра, во зависност од големината на трговското друштво.

 Системските дупки чинат животи

Властите најавија и нов закон за експлозивни материи, но засега нема информација до каде е подготовката. На последната седница за пратенички прашања, пратеничката на Левица, Јована Мојсоска,  упати прашање до министерот за економија, Бесар Дурмиши, кога ќе бидат доставени измените на Законот за угостителска дејност што беа најавени минатата година, по трагедијата во Кочани.

– По незамисливата трагедија во Кочани, еден од клучните системски пропусти во работата на дискотеката на смртта беше лоциран во недореченостите во Законот за угостителска дејност. Лиценцата за работа на дискотека кој се однесува на исполнувањето на техничките услови на еден објект, како излези, заштита од пожари, вентилација и сѐ друго, го пополнува самиот барател. Апсурдот во ова законско решение е во тоа што никој не проверува на терен пред да ја добие лиценцата дали е вистинита изјавата на сопсвеникот – рече Мојсоска.

На слични аргументи се темели и одбраната на обвинетите службеници во Министерството за економија за судењето за „Пулс“. Процесот продолжува в понеделник, со сведочења на родителите на загинатите и на преживеаните. (П.А.)

 

 

ИЗДВОЕНИ