Управата за јавни приходи ги потсетува даночните обврзници дека крајниот рок за проверка и потврда на годишната даночна пријава за 2024 година истече на 31 мај 2025 година, но со оглед на тоа што редовниот рок за потврдување или корекција на ГДП-пријавата е во неработен ден, краен рок за потврда или за корекција на остварените приходи за минатата година се смета понеделник, 2 јуни 2025 година.
– Ова значи дека граѓаните што оствариле приходи во 2024 година треба најдоцна до утре да извршат увид во своите даночни пријави преку системот „Е-даночни услуги“ и да ги потврдат или да ги коригираат доколку има потреба. По овој рок, сите пријави што се непотврдени ќе се сметаат за конечни, додека коригираните ќе бидат предмет на одобрување од службено лице на Управата за јавни приходи. Кај даночните обврзници кај кои постои обврска за доплата на данок, ќе биде издаден налог за доплата, додека оние со повеќе платен данок можат да побараат враќање на средствата – велат од УЈП.
За 2024 година, Управата за јавни приходи генерираше вкупно 841 671 даночна пријава, што претставува раст од 6 %, односно 47 947 повеќе даночни пријави споредено со 2023 година, кога беа генерирани 793 724 пријави.