Локалната изборна трка во Македонија влегува во завршна фаза на кадровски подготовки. ВМРО-ДПМНЕ веќе ги објави своите адути за најголем дел од општините, додека за Скопје и понатаму се води битка меѓу најсилните кандидати. Извршниот комитет на партијата на седницата во средата ја утврди листата на 25 кандидати за градоначалници за претстојните локални избори. Повеќето од нив се актуелни градоначалници кои ќе бараат нов мандат, а останатите се нови имиња со искуство во локалната самоуправа или други јавни функции.
Во скопската општина Аеродром кандидат е Дејан Митески, кој од претседател на Советот на општината стана В.Д. градоначалник откако Тимчо Муцунски се пресели како прв човек во МНР. Во Бутел, кандидат повторно ќе биде актуелниот градоначалник Дарко Костовски. Александар Стојкоски, кој исто така е актуелен градоначалник, ќе се обиде да го задржи мандатот во Ѓорче Петров. Во Чучер Сандево, кандидат е Зоран Бајовски, кој досега беше претседател на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Во Штип, Иван Јорданов, актуелен градоначалник, ќе се обиде да го освои уште еден мандат, исто како и Марко Колев во Велес. Во Свети Николе, Дејан Владев, кој е актуелен градоначалник, повторно ќе се кандидира. Виктор Паунов, кој досега беше советник во општина Карбинци, ќе се бори за градоначалничката функција таму.
Киро Нацков, кој е актуелен градоначалник на Градско, ќе се обиде да го задржи својот мандат, а истото важи и за Митко Јанчев, кој е актуелен градоначалник на Кавадарци. Во Гевгелија, кандидат е Андон Сарамандов, исто така актуелен градоначалник. Коста Маневски, кој е долгогодишен член на Советот на општина Зелениково, ќе се кандидира за градоначалник.
Александар Ѓоргиевски, актуелен градоначалник на Илинден, повторно е кандидат, додека во Конче, Златко Ристов, кој досега беше директор на локално јавно претпријатие, ќе се обиде да ја добие довербата на граѓаните. Во Делчево, кандидат е Иван Гоцевски, кој е актуелен градоначалник, а во Ново Село, Ѓорге Божинов, исто така актуелен градоначалник, ќе се обиде да го продолжи својот мандат.
Славе Андонов, кој е актуелен градоначалник на Василево, повторно ќе се кандидира, а во Босилово, Ристо Манчев, кој досега беше претседател на Советот на општината, ќе се бори за градоначалничката функција. Во Берово, кандидат е Петар Ружински, кој е актуелен градоначалник, а Борче Митевски, исто така актуелен градоначалник, ќе се кандидира во Петровец.
Тони Коњановски, актуелен градоначалник на Битола, ќе се обиде да добие уште еден мандат, исто како и Кирил Пецаков во Охрид. Во Вевчани, кандидат е Спасе Кочовски, кој досега беше член на Советот на општината, додека во Брвеница, Јовица Илиевски, кој досега беше директор на општинско јавно претпријатие, ќе се кандидира за градоначалник. Во Јегуновце, Димитар Костадиновски, кој е актуелен градоначалник, повторно ќе се бори за довербата на граѓаните.
МН: До 10 јуни ќе се пресече меѓу Ѓорѓиевски и Перински
Генералниот секретар на партијата Ѓорѓија Сајкоски, по седницата, изјави дека станува збор за 25 кандидати од кои најголем дел се покажале со својата досегашна работа како градоначалници.
-ВМРО-ДПМНЕ и кандидатите кои што се предложени од ИК на партијата убедливо водат на сите анкети во општините за кои се предлагаат. Сите кандидати кои што се избрани го имаат поминато тестот на граѓаните во изминатите четири години, а тоа го потврдуваат и анкетите. Сите кандидати предложени од ВМРО-ДПМНЕ водат 4, а во некои општини и 5:1. Сите кандидати ги исполнуваат сите квалитети за градоначалник. Се работи за чесни, одговорни, работни и експедитивни луѓе. Најголемиот дел од нив се веќе постоечки градоначалници, кои направиле вистинска трансформација во нивните општини, а другиот дел се луѓе кои имаат сила и знаење да го променат темпото на работа во општините кои досега се водени од кадри на СДСМ, изјави Сајкоски.
За најатрактивната позиција – кандидатот за градоначалник на Град Скопје – ВМРО-ДПМНЕ сè уште не ја донесе конечната одлука. Според официјалните изјави, во тесна трка се актуелниот градоначалник на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски и министерот за локална самоуправа, Златко Перински, двајцата кои веќе јавно искажаа афинитети за оваа функција. Партијата најави дека анализите и анкетите се во тек, а конечната одлука се очекува до 10 јуни. Неофицијално, се шпекулира дека Ѓорѓиевски има силна поддршка на теренот, додека дел од раководството го форсира Перински. Медиумите објавија анкети со различни резултати – во некои води Ѓорѓиевски, во други Перински. И Сајковски потврди дека во оптек се повеќе имиња од кои некои се веќе спомнувани како Ѓорѓиевски и Перински.
-Следното објавување на кандидати би требало да биде до 10 јуни и после тоа ќе видиме како што ќе оди динамиката со другите кандидати така ќе биде објавено и името за кандидат за градот Скопје. Целиме да го избереме најдобриот кандидат за град Скопје за да може да помогнеме на граѓаните максимално и преку централната и преку локалната власт за да имаат подобар квалитет на живот, нагласи Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајковски.
Каја Шукова претендира за местото на Данела Арсовска
Очекувањата се дека и другите партии наскоро ќе ги објават своите кандидати, со што ќе се заокружи мозаикот на изборната понуда за есенските избори, иако од другите поголеми партии, засега нема официјални соопштенија за кандидатите за градоначалници. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во телевизиско интервју рече дека сите актуелни градоначалници, иницијално, ја имаат поддршката за уште една кандидатура и додаде дека тие добро ја вршат својата работа, иако трпат притисоци од институциите на централната власт.
По потврдените кандидатури на Горан Герасимовски за Центар и Томе Христоски за Крушево, раководството на СДСМ која официјално објави отворен повик за самокандидирање и избор на кандидати, вклучително и за Град Скопје, ги чека предлозите од другите општински организации низ државата за да ја комплетира листата на кандидатите за локалните избори наесен.
Филипче потврди дека потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова, поднела кандидатура за градоначалник на Град Скопје, но и дека истовремено се разговара со други претенденти, меѓу кои и независни кандидати. Разговарано е и со архитектот Мишко Ралев, но Филипче вели дека партијата сè уште е далеку од одлука.
Во Крива Паланка, пак, извесно е дека поддршка за уште една изборна трка ќе добие актуелниот градоначалник Сашко Митовски. Во врска со информациите за проблеми со единството во општинската организација во Струмица, како и прашањето дали Коста Костадинов ќе добие шанса за трка за втор мандат, Филипче одговара дека постапката за избор на кандидат за Струмица не е завршена.
-Сега, кога се приближуваат избори, секогаш на површина излегуваат различни амбиции, желби итн. Главната улога ја имаат членовите и анкетите, и тоа е ексклузивно, бидејќи ние ги носиме одлуките, изјави Филипче и додава дека партијата е подготвена да поддржи и независни кандидати, кои ги делат вредностите на социјалдемократите.
Поранешниот истакнат член на СДСМ, Софија Куновска, во телевизиско гостување изјави дека има притисок од граѓаните да се кандидира за градоначалник на Центар, но оти се уште размислува.
-Постојано во комуникација со граѓаните има еден засилен притисок да се кандидирам за градоначалник на Центар, но се уште не сум ја донела конечната одлука. Сметам дека треба објективно да се гледа на работите, да се направат истражувања, затоа што се наоѓате во еден меур од ваши симпатизери, пријатели, поддржувачи, но веројатно има и една друга страна која треба со време да ја дознаете, а не на избори, изјави Куновска.
Калкулации во албанскиот блок – клучни битки во Тетово, Гостивар и Струга
Што се однесува до партиите од албанскиот политички блок, повторно најголема ќе биде борбата за прв човек на Тетово, каде Билал Касами се очекува пак да биде кандидат на Вреди, додека од Европскиот фронт се споменуваат Илир Демири и Фатон Ахмети.
За Гостивар, пак, в.д. градоначалникот ја има поддршката од својот претходник, лидерот на Алијанса, Арбен Таравари, а, според некои информации од ДУИ, во трка за градоначалничката фотелја од нивната партија во план беше повторно да влезе Невзат Бејта, за кого сметаат дека имал забележливи резултати додека беше градоначалник во периодот од 2013 до 2017 година. Но, откако Таравари излезе од владината коалиција, се очекува дека неговото крило и Европскиот фронт со заеднички сили ќе се борат за некои градоначалнички места, што значи дека најверојатно ќе треба да одат со неутрални кадри кои ќе бидат поддржани и од поддржувачите на крилото на Таравари и од оние на Европскиот фронт.
Доколку настапат заедно и поддржат неутрален кандидат за Гостивар, се шпекулира дека тоа ќе биде стопанственикот Нагип Фејзи.
За Струга, каде во игра е Зијадин Села, како можен заеднички кандидат на крилото на Таравари и на ДУИ се споменува бизнисменот, Менди Ќира, кој претходно го промовираше Билал Касами, иако првично се шпекулираше дека Европскиот фронт размислува помеѓу Јетон Шаќири и Фатон Положани.
Во Кичево, актуелниот градоначалник Фатмир Дехари се очекува да бара нов мандат од Европскиот фронт, а од Вреди се споменува и министерот Фатмир Лимани, иако не е сигурно дали ќе се кандидира.
Во Чаир, се очекуваше Вреди да настапи со актуелниот градоначалник Висар Ганиу, но под знак прашалник е дали актуелната кавга со скопската градоначалничка ќе му го крене или ќе му го урниса рејтингот. Од ДУИ, за градоначалник на Чаир се споменува поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи.
Во Сарај, во комбинација е Хасим Муртезани од Беса, а од ДУИ се споменува Блерим Беџети.
Партијата на Максим Димитриевски, ЗНАМ се очекува да има свои кандидати во Куманово и уште неколку општини, но конкретни имиња сè уште не се објавени.
Премиерот Христијан Мицкоски и вицепремиерот Изет Меџити, уште во февруари најавија дека е природно соработката на централно да се преслика и на локално ниво. Меџити потврди дека за советници по општините ќе ВМРО-ДПМНЕ и Вреди ќе одат со сопствени имиња, бидејќи е пропорционален систем, додека за градоначалници е мнозински систем и кандидатите меѓусебно ќе ги поддржуваат, а ќе се прави проценка дали во прв или во втор круг.
На последните избори за градоначалници пред четири години, од 80 општини и Градот Скопје, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата освоија 42 градоначалнички места, вклучително и во главниот град, каде што ја поддржаа Данела Арсовска. (В.С.Н.)