Противпожарни апарати за сите училишта и градинки

19

Општина Карпош годинава од буџетот издвои 1.440.000 денари за набавка на нови противпожарни апарати, наменети за сите основни училишта и детски градинки на територија на Карпош. Градоначалникот Стевчо Јакимовски, денеска беше во обиколка на ООУ „Христијан Тодоровски Карпош“, каде непосредно ја констатираше фактичката состојба со оваа училишна установа од аспект на безбедноста.

-Шест месеци пред трагедијата во Кочани, Дирекцијата за заштита и спасување ја алармираше нашата институција дека фирмата којашто ги одржува противпожарните апарати во Карпош, односно во училиштата и градинките, практично прави груба злоупотреба со тоа што истите противпожарни апарати не ги проверува туку ги зема и ги враќа назад, при што само ги менува контролните картончињата на уредите. Оттаму, Дирекцијата не потсети дека законска обврска е да немаме противпожарен апарат во објектите, којшто е постар од пет години. Кога направивме една комплетна анализа, за жал констатиравме дека овде имаме противпожарни апарати од 1955 година – објасни Јакимовски.

Првиот човек на Општината предупреди на потенцијалниот ризик и несаканите последици кои можеле да настанат од оваа ситуација.

– Не дај Боже да се случеше некој немил настан. Тој дел од противпожарната заштита бил целосно незаконски, а згора на сè, неодговорноста на фирмата којашто ние секоја година ја избираме и која е должна да ни ги воочи недостатоците што ги имаме во противпожарниот систем во градинките и училиштата го прави токму спротивното. Затоа, општина Карпош издвои околу 55 илјади евра за набавка на нови 453 противпожарни апарати S-9 и CO2, кои служат за гаснење на пожар, доколку истиот е предизвикан од спој со електричната мрежа – образложи Јакимовски.

Во оваа пригода тој изрази голема благодарност до Кинеската амбасада, која донираше 98 противпожарни апарати во градинките и училиштата на територија на Карпош.

– Со ова го заокружуваме целиот систем од околу 550 противпожарни апарати кои се распоредени во сите предучилишни и училишни установи. На овој начин го подобуваме нивото на безбедност каде што престојуваат нашите најмлади карпошани. Во исто време, издвоивме уште 1.700.000 денари за проверка и реконструкција на хидрантската мрежа во сите училишта и градинки, затоа што во некои од нив не е соодветна инсталацијата од цевководи, поточно не се постигнува стандардниот притисок од минимум 2,5 бари. Од тие причини летово ќе ги извршиме потребните реконструкции и во септември, сите училишта и градинки ќе бидат комплетно опремени со соодветна опрема за заштита од пожар – истакна Јакимовски.

ИЗДВОЕНИ