Против Џејла Рамовиќ, победничка во балканското шоу „Ѕвездите на Гранд“ е поднесена прекршочна пријава во Кичево  

0
xr:d:DAFNSPkcYuA:1281,j:2806162563973207510,t:24022711

Конечно, редот се воспоставува!

Во пресрет на новогодишните и божиќните  празници и очекуваниот зголемен број прослави во угостителските објекти, засилена е акцијата на инспекторатите кои јавно апелираат до угостителите да постапуваат совесно и да ги почитуваат законските одредби. Па така, за време на контролата во угостителски локали на магистралниот пат Кичево – Охрид, минатиот викенд, полициските службеници од ОВР Кичево и од РЦГР Запад влегле во објектот каде што настапувала популарната Џејла

Најновата и важна вест поврзана со естрадните случувања во Македонија е дека на популарната босанска пејачка, Џејла Рамовиќ, победничка во балканското шоу „Ѕвездите на Гранд“, минатиот викенд во акциската контрола, заедно со нејзиниот бенд, откако полицијата открила дека настапувале без соодветна работна дозвола, веднаш ѝ била поднесена прекршочна пријава. За време на засилена контрола во угостителски локали на магистралниот пат Кичево –Охрид, полициските службеници од ОВР Кичево и од РЦГР Запад влегле во објектот каде што настапувала популарната Џејла.

– Во објектот била затекната пејачката, 23-годишната Џејла Рамовиќ со својот бенд, сите државјани на Босна и Херцеговина. Според полицијата, групата работела без обезбедена работна дозвола, што претставува груб прекршок според Законот за странци, информираа од СВР Охрид. Случајот е пријавен до Основниот суд во Кичево, а против сите нив е поднесена прекршочна пријава!

Пејачката Џејла Рамовиќ е разбирливо вознемирена и брзо се огласи по инцидентот во Кичево, поради настапот без работна дозвола. Рамовиќ во својата изјава тврди дека целата документација за настапот ѝ била уредна, а дека проблемот настанал по вина на организаторот. Затоа полицијата ја прекинала вечерта неколку минути пред самиот крај. Таа воедно им се извини на присутните обожаватели и нагласи дека ситуацијата била надвор од нејзината контрола.

– Сакам да нагласам дека од моја страна и од страна на мојот бенд, сите потребни документи и дозволи за настапот во Кичево беа правилно подготвени и доставени до организаторот, со целосната постапка што редовно ја правиме кога доаѓаме во Македонија, истакна атрактивната Џејла.

Таа појаснува дека организаторот ја уверил дека  другите добиени дозволи се во ред и дека сè било согласно со договорот.

– И покрај ова, мојот настап беше прекинат неколку минути пред крајот. Наводно поради недостаток на работни дозволи, иако нашата документација беше целосно во ред. Жал ми е за непријатностите што ги доживеаја сите што дојдоа таа вечер да ме слушаат. Ситуацијата се појави од причини на кои не можев да влијаам на никаков начин, ниту, пак, вината е во  мојот тим или во мене, изјави популарната босанска пејачка.Таа со особено задоволство истакнува дека Македонија е земја што многу ја сака и во која секогаш сака да настапува. – Сега наскоро пак ќе пеам во Македонија, и тоа во овој петок, ќе се дружиме  со моите обожаватели во убавото Скопје.

Инаку, Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) најави дека ќе спроведува засилени инспекциски надзори во угостителските објекти во пресрет на празниците (новогодишните, божиќните и верските), затоа што се очекувани зголемен број прослави во ресторани, клубови, кафулиња и кафеани. Ќе нема милост кон никој што го крши Законот. Примарна цел на оваа акција е да се спречат нерегуларности во работењето и да им се обезбеди максимална заштита на гостите во објектите. Од Инспекторатот апелираат до угостителите да постапуваат совесно, да ги почитуваат законските одредби. Посебен акцент се става на регулативите кои се однесуваат на дозволениот број гости, работното време, законот за заштита од пушење, како и сите други законски одредби кои го регулираат угостителското работење.

Меѓутоа, при контролата на еден угостителски објект минатиот викенд во Свети Николе, сепак, беа затечени 26 малолетници по полноќ, а 14 од нив биле под дејство на алкохолот. По целосно расчистување и документирање на овој случај, ќе следуваат соодветни пријави и казни. Затоа внимавајте сите, каде сте, со кого сте, колку пиете и што воопшто правите во угостителските објекти. Редот мора конечно да се воспостави. За не дај Боже, зашто уште едно трагично Кочани ни на сон не ни треба.                    (Д. М.)  фото:архива

 

ИЗДВОЕНИ