Инспекцијата на МВР открила четири пријави, меѓу кои и една анонимна, од февруари 2022 година, во која се наведува дека Калушев водел будистичка религиозна група што вршела блуд со малолетници, создавала порнографски материјали и поседувала нелегално оружје скриено на тајни места. Но, како што наведува БГНЕС, во писмо до министерот за внатрешни работи, Калин Стојанов, од август 2024 година, Фондот за борба против корупцијата извршил притисок врз Министерството за внатрешни работи да не ја истражува невладината организација на Калушев, зад која се криела сектата. Лидерот на ТИСП, Тошко Јорданов, денеска рече дека министрите од „кабинетот на Петрохан ќе положат заклетва без срам, без каење и без грам совест“, алудирајќи на новоформираната привремена Влада. Софија Андреева, мајка на Валери, едно од првите момчиња што живееле со Калушев и единственото кое пред години пријавило што се случува во колибата Петрохан, во објава на „Фејсбук“ праша зошто ако случајот е затворен, приодот до колибата е се уште блокиран и самата одговори: во неа има тунел што води кон Северна Бугарија, изграден во 1980-тите и дизајниран како центар за обука на разни организации
Невладината организација на Ивајло Калушев зад која се криела будистичка секта чии шестмина членови на почетокот од месецов беа пронајдени мртви кај превојот Петрохан и под врвот Околчица, Министерството за внатрешни работи ја поврзува и со педофилија. Пронајдени се четири пријави против таа организација, поднесени во последниве четири години, меѓу кои и за блуд со малолетници.
Бугарската агенција БГНЕС објави дека меѓу пријавите имало такви што опишуваат испрашувања на сведоци, роднини и на родители на малолетници, каде што станува јасно дека има злоупотреба, вклучително и сексуална злоупотреба на малолетници. Првата пријава е за закана и тепачка во областа на колибата „Петрохан“, поднесена неколку дена по основањето на организацијата. Втората е за неправилности во склучувањето на рамковниот договор помеѓу Министерството за животна средина и води и „Националната агенција за контрола на заштитените подрачја“, која ја основал Калушев, за што софиското Обвинителство отворило досие. Третата пријава е од бабите и дедовците на осумгодишно момче. Тие се пожалиле дека мајката го отпишала нивниот внук од училиште и го оставила за грижа кај чувари, „кои се прекрасни луѓе и ќе го научат корисни работи“. Во текот на следните осум месеци, бабите и дедовците го виделе својот внук двапати и забележале видлива промена во неговото однесување. Тие поднеле уште една пријава откако отпатувало детето во Непал и Тибет со луѓето што го чувале. Во неа тие навеле дека им бил вршен притисок да ја повлечат првата пријава. При истрагата во колибата во Петрохан биле пронајдени малолетници на возраст од 14 и 13 години, но не и осумгодишното дете. Не било пронајдено ни прекршување на законот, па бабите и дедовците ги повлекле пријавите во јуни 2024 година.
Инспекцијата на МВР открила и анонимна пријава од февруари 2022 година во која се наведува дека Калушев водел будистичка религиозна група што вршела блуд со малолетници, создавала порнографски материјали и поседувала нелегално оружје скриено на тајни места. Но, како што наведува БГНЕС, во писмо до министерот за внатрешни работи, Калин Стојанов, од август 2024 година, Фондот за борба против корупцијата извршил притисок врз Министерството за внатрешни работи да не ја истражува невладината организација на Калушев. Ова е јасно од извештајот на Министерството за внатрешни работи, наведува БГНЕС.
Кон крајот на 2023 година, за групата лобирал и градоначалникот на Софија, Васил Терзиев, кој признал дека се сретнал со нејзините членови 9-10 пати. Во извештај на МВР се наведува дека тој изјавил дека здружението „Национална агенција за контрола на заштитените територии“ има дрон со термална камера и моторни санки и дека може да им помогне на надлежните органи со својата опрема.
За да ги спречат шпекулациите во јавноста за овој случај што го вознемири целиот регион, во средата Обвинителството и полицијата изнесоа детали за причините за смртта на шестемина мажи и објавија неколку видеоснимки од безбедносните камери во и околу куќата во Петрохан. Официјално, тројцата мажи пронајдени кај колибата се самоубиле, а смртта на тројцата покрај камп-приколката под врвот Околчица се припишува на убиство, проследено со самоубиство. Снимките од камерите ги покажуваат членовите на сектата како се движат околу куќата или клечат и се поклонуваат до земја. На една под снимките се слушаат истрели во куќата во која потоа се гледа пожар, а од 2 февруари веќе нема движење околу неа.
Но, шпекулациите не престануваат. Денеска преку Фејсбук се огласи Софија Андреева, мајка на Валери, едно од првите момчиња што живееле со Калушев и единственото кое пред години пријавило што се случува во колибата Петрохан. Таа праша зошто ако случајот е затворен, приодот до колибата е се уште блокиран и самата одговори: во неа има тунел што води кон Северна Бугарија, изграден во 1980-тите и дизајниран како центар за обука на разни организации.
Продолжија и обвинувањата од позициските политичари. Денеска привремената Влада положи заклетва, а партијата Постои таков народ ја поврза со случајот „Петрохан“. Читајќи декларација во име на својата парламентарна група, лидерот на ТИСП, Тошко Јорданов, рече дека министрите од „кабинетот на Петрохан ќе положат заклетва без срам, без каење и без грам совест“.











